САД се подготвени да преговараат со Иран за двете страни да се вратат на усогласеноста со условите од нуклеарниот договор од 2015 година, што има за цел да го спречи Иран во развој на нуклеарно оружје, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен пред своите француски и британски колеги, за време на видео конференција.

Блинкен им рекол на министрите за надворешни работи од европската тројка вклучена во договорот, познат како Заеднички сеопфатен план за акција, дека владата на американскиот претседател Џо Бајден ќе се врати на договорот доколку Иран продолжи со целосно почитување.

„Државниот секретар Блинкен потврди дека, како што рекол претседателот Бајден, доколку Иран се врати на строго почитување на своите обврски од договорот, САД ќе го сторат истото и се подготвени да почнат разговори со Техеран за да се постигне таа цел“, се вели во соопштението на првите дипломати на САД и европската тројка.

САД изразија подготвеност да преговараат со Иран на заедничката средба во формат 5+1, составена од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија, изјави француски дипломатски извор.

Во исто време, ако Иран превземе акција за укинување на дополнителниот протокол, што дозволува Меѓународната агенција за атомска енергија да изврши проверки на иранските нуклеарни постројки, ќе следи „цврст одговор“, додаде изворот.