Австрискиот канцелар Себастијан Курц остро ја критикуваше Европската агенција за лекови (ЕМА), барајќи побрзо издавање на одобренија за вакцини против коронавирус.

– Не може вакцината да се одобрува побрзо во други земји отколку ЕМА, рече Курц.

Како причина за критика го зеде одобрението за вакцината на компанијата „Џонсон и Џонсон“ во САД.

– ЕМА сега е повикана да ја одобри вакцината Џонсон и Џонсон што е можно побрзо и небирократски, во согласност со сите научни стандарди, рече Курц во изјавата.

Тој процени дека вакцината може да донесе пресврт во борбата против пандемијата, бидејќи е потребна само една доза за целосна имунизација и може да се чува во обичен фрижидер.

Покрај тоа, нагласи тој, вакцината има висок ефект против тешки форми на болеста Ковид-19.