Американскиот претседател, Џо Бајден, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера се согласија да се координираат за прашањата од заеднички интерес, вклучувајќи го и прашањето на Западен Балкан.
Во телефонскиот разговор со шефицата на европската Влада, американскиот претседател ја истакна неговата поддршка за Европската унија и неговата посветеност за подобрување и заживување на партнерството САД-ЕУ, се наведува во соопштението на Белата куќа, додавајќи дека двајцата лидери се согласиле на четири месеци да ги суспендираат тарифите за споровите во Светската трговска организација и да работат на нивното решавање, пренесе „Гласот на Америка“.
“Лидерите разговараа и за важноста на тесната соработка меѓу САД и ЕУ во справувањето со пандемијата од Ковид-19 и зајакнувањето на глобалната здравствена безбедност, постигнување одржливо глобално економско закрепнување, справување со климатските промени и зајакнување на демократијата. Исто така, тие се согласија да се координираат за прашањата од заеднички интерес, вклучувајќи ги Кина, Русија, Белорусија, Украина и Западен Балкан“, се заклучува во соопштението.
Од својот прв ден во Белата куќа Бајден најави продолжување на односите со европските партнери и враќање на мултилатералната дипломатија.