Мексиканските власти денеска кренаа високи челични барикади околу Националната палата во Мексико Сити, пред планираните протести за одбележување на Меѓународниот ден на жената, 8 март.
Во палатата живее и работи претседателот на земјата, Андрес Мануел Лопес Обрадор.
Претседателот Обрадор во изминатите неколку недели влезе во жестоки расправии со феминистките откако неговата партија „Морена“ номинираше лице обвинето за силување за гувернер на државата Гереро.
Кандидатот за гувернер, Фелик Салгадо, формално не е осуден бидејќи обвинителите тврдеа дека едното обвинение е застарено, а другото се уште се испитува. Неговиот адвокат ги негираше обвинувањата.
Партијата „Морена“ закажа ново гласање за да одлучи дали Салгадо треба да остане нејзин кандидат.
Maршевите на жените по повод 8 март, Меѓународниот ден на жената, во последните неколку години во Мексико често пати прераснуваа во насилни судири со полицијата.
За понеделник низ повеќе градови на Мексико се најавени околу 100 маршеви на жените.