Шпанија како држава не ја признава независноста на Косово и поради мечот помеѓу овие две репрезентации во квалификациите за СП во фудбал наредната година утврдени се посебни правила за средбата.
Шпанскиот весник “Марка” наведува дека шпанското Министерство за надворешни работи утврдило дека Косово не смее да се третира како суверена држава.
Ова значи дека организаторите на натпреварот и коментаторите во преносот нема да смеат да кажат дека Шпанија игра против Косово, туку против тим од територијата на Косово.
Исто така, нивното знаме нема да биде истакнато заедно со шпанското, а нивната химна нема да биде наведена како национална химна на Косово, туку како музика што ја претставува територијата на Косово.
Шпанската фудбалска федерација во никој случај не смее да потенцира дека игра против суверена држава.
„Марка“ исто така пишува дека ова не е прв ваков случај во Шпанија. За време на Светското првенство во 1982 година, кое се одржало во Шпанија, на претставниците на аргентинските медиуми не им било дозволено да кажуваат „Англија“ на мечот меѓу Германија и Англија, поради војната во Фокланд, што заврши во јуни истата година.
Покрај Шпанија, Косово е во групата Б со Шведска, Грција и Грузија. Шведска е единствената земја во групата што ја признала независноста на Косово, така што и другите земји би можеле да воспостават посебни правила за натпреварите против нив.