Кинескиот претседател Си Џинпинг ја повика кинеската армија да биде постојано подготвена пред „нестабилностите“ и „неизвесностите“, јавија денеска државните медиуми, пренесе ДПА.
Вооружените сили мора „секогаш да бидат подготвени да одговорат на сите видови сложени и тешки ситуации“, порача Си вчера на средбата со воената делегација на Кинескиот народен конгрес (НПЦ), на годишната сесија на кинескиот Парламент.
Кинескиот претседател порача дека развојот на војската мора да се фокусира на „борбената подготвеност“, јави Ксинхуа.
-Новиот петгодишен план од 2021 до 2025 година е добра почетна основа за зајакнување на националната одбрана и војската, рече Си на средбата со воената делегација.
На крајот од својата еднонеделна сесија, во петок, Кинескиот национален конгрес ќе го одобри нацртот на новиот курс во одбраната, како и големиот раст на воените трошоци, за 6,8 проценти, за годинава, наведува ДПА.
Си кажа дека планот е да се засили градењето на „стратешка одбрана од висок калибар“ и дека Народноослободителната армија мора „решително да ги заштити националниот суверенитет, безбедноста и интересите за развој“.
Кинескиот лидер, кој, исто така, е и шеф на Комунистичката партија и претседавач со воената комисија, додаде дека воениот развој мора да биде воден од иновации и дека мора да се направат дополнителни напори науката и технологијата да станат независни.
Модернизацијата и експанзијата на кинеската војска е во заднината на растечките тензии со САД и Тајван, инцидентите на нејзината граница со Индија, како и споровите околу островите во Јужното Кинеско Море и Источно Кинеското Море.