Денеска најдобрата македонска репрезентација го претрпе првиот пораз во квалификациите за Европското првенство 2022 година откако во Алборг загуби од актуелниот светски шампион Данска со 37:21 (17:10).

Нашата подмладена селекција настапи без Кирил Лазаров кој ја имаше само улогата како селектор, како и Филип Миркуловски, еден од помошниците во стручниот штаб, а недостасуваше и Стојанче Стоилов поради повреда.
После големата победа во четвртокот во Скопје овојпат сликата на теренот беше многу поинаква, Данците воглавно доминираа, а важен придонес во нивниот триумф имаше и голманот Мелер чија мрежа тешко се тресеше.

Шанса за настап добија сите ракометари, Аларов како пивот, левото крило Цветаноски со еден погодок, искуство вкусија бековите Ѓорѓиев, Ѓорговски и Младеновиќ, овој последниот имаше еден гол, како и десното крило Костески.

Кај Данците најрасположен за голови беше Гидсел кој запиша седум, а на спротивната страна Кузмановски имаше пет погодоци.