Во рамки на едицијата „Приказни што нè обединуваат“, издавачката куќа „Паблишер“ ја објави „Сенишната шума“ од британскиот автор Мет Хејг, поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
– „Сенишната шума“ ни нуди извонредна магична приказна, вистинска класика за деца и млади. Употребувајќи го норвешкиот фолклор, Хејг вешто ги испреплетува хуморот и тагата, реалноста и фантазијата, поведувајќи ги читателите во волшебна авантура полна со неочекувани пресврти, соопшти издавачот на книгата која на македонски ја преведе Паулина Јамакова-Пејкова.
Мет Хејг пишува за деца и за возрасни, а работи и како новинар. Пишува за неколку национални весници, вклучувајќи ги „Гардијан“ и „Индепендент“. „Сенишната шума“ е неговата прва книга за деца, објавена во 2007 година, за која добил голем број награди. Во 2009-та е објавено нејзиното продолжение „Избеганиот трол“, а оттогаш ги има напишано и „Да се биде мачка“, „Момчето Ехо“, „Момчето што се вика Божик“… Неговите мемоари „Причини да се остане жив“ беа 46 недели меѓу најдобрите десет на британската листа на најпродавани книги.