Лидерот на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, гостувајќи во емисија на СОТ7 телевизија, рече дека „не само што се чувствува Македонец, туку и дека сонува македонски“.
– Јас секако дека се чувствувам Македонец. Не само што се чувствувам, туку и сонувам на македонски. Областа каде што сум роден во општина Пустец е област каде што 100 отсто се македонска заедница. Ние таму до седум години не го зборуваме албанскиот јазик. Албанскиот јазик почнуваме да го учиме на училиште. Сопругата исто така е Македонка од истото подрачје, не знам, слушам македонски песни. Сум во мојот свет. Но, сум албански државјанин. Јас сум лојален граѓанин, изјави Стерјовски одговарајќи на прашањето како се чувствува, како Албанец или Македонец.
Тој потенцира дека се чувствува Македонец, но дека е албански државјанин и оти тоа го потенцира во сите негови говори во Парламентот.
– Албанија е наша татковина. И покрај фактот дека наша матична држава е Македонија, ние сме родени тука, тука придонесуваме и го сакаме најдоброто за Албанија затоа што е наша татковина, родно место на нашите родители и деца и сакаме да имаме економски силна Албанија, да имаме многу добар здравствен систем, да ги имаме сите придобивки, како и сите граѓани. Но, за тој дел мора да се смени менталитетот на сите нас како граѓани, за да придонесуваме за развој на земјата. Не само да чекаме од државата, туку и ние мора да придонесеме, посочи тој.
Стерјовски беше запрашан и во врска со неговото обраќање ма македонски јазик во Парламентот во Тирана, иако собраниската процедура предвидува да се зборува само на албански јазик.
– Да, ова повеќе беше порака за охрабрување до македонската заедница. Ако ја погледнете пораката што ја дадов „Бидете горди Македонци, лојални граѓани на Албанија“. Откако влегов во Парламентот, членовите на македонската заедница ме прашува кога ќе зборувам на македонски, но им реков дека деловникот не го дозволува тоа. Но, дека ќе се обидам да направам еден поздрав и им се заблагодарувам и на колегите кои ме поддржаа и добив аплауз за тој говор, одговори тој.
Стерјовски на парламентарните избори на 25 овој месец ќе се трка за втор пратенички мандат. Тој се наоѓа на кандидатската листа на коалицијата предводена од Социјалистичката партија на албанскиот премиер Еди Рама во изборна единица Корча, каде го доби и првиот мандат.