Да не беше брифингот на ВМРО-ДПМНЕ и да не излезевме храбро, како политичка партија, во јавноста денеска, на денешната прес конференција, немаше да се пробудат од зимскиот сон кој што ги зафатил изминатите четири години, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за аферата „Мафија“ и обвинувањата од власта дека тоа биле обиди за саботирање на акцијата на МВР за денешните апсења поврзани со аферата.
– Ако ја спроведувале во последната година тогаш требало да ја спроведат, дај Боже стално вака да ги саботираме и да ги инспирираме да ги завршуваат акциите но треба да почнат од себе, не да почнат од службеникот или службеничката што зема оттисок од прст и фотографира. Бидејќи на нив им било така кажано од други структури, затоа што немојте да ме убедувате дека тој службеник знае кој е Јован Вукотиќ или уште помалку знае кој е Георги Андонов. Или пак Седат Пекер, а уште помалку знае кој е Џадин Адемовски и уште такви стотици лица, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски истакна дека во оваа држава криминалот, мафијата има своја држава и колку погласна и поупорна е ВМРО-ДПМНЕ со ваквите иронично кажано саботажи, толку побргу правото и правната држава ќе владеат, а криминалците ќе бидат позади решетки и ќе сносат одговорност за се што направиле.
– Да не се лажеме, криминалот е во врвот на власта. Колку побрзо расчистиме со овие луѓе, толку побрзо ќе имаме правна држава. Се останато е растурање пердуви и приказни за мали деца, рече Мицкоски потенцирајќи дека се уште нема разрешница за прислушкуваните разговори на јавните обвинители и судии, како и дека беше пробиена акцијата „Планина“.