Литванската воена разузнавачка служба денеска објави дека има информации според кои Русија ја разгледува можноста за извршување напади врз критичната инфраструктура во балтичкиот регион, користејќи дронови произведени во Украина, со цел да ја прикрие одговорноста за какви било инциденти.
Литванскиот министер за одбрана Робертас Каунас ја потврди проценката, наведувајќи дека постојат разузнавачки информации кои укажуваат дека Москва размислува за спроведување неконвенционални кинетички напади, вклучително и можни операции со „лажно знаме“, објави ЛРТ.
„Имаме информации дека Русија размислува за спроведување неконвенционални кинетички напади врз критичната инфраструктура во балтичкиот регион. Веројатно е дека Русија би можела да користи дронови произведени во Украина за оваа цел“, рече Каунас.
Според него, Русија би можела да користи заробени или реконструирани украински дронови за да создаде впечаток дека Украина стои зад можните напади и со тоа да го отежни утврдувањето на одговорноста.
Министерот Каунас нагласи дека во моментов нема докази дека е донесена одлука за спроведување на таква операција, ниту дека има информации за конкретни цели или времето на можните напади.
„Сакам да ве уверам дека литванската разузнавачка служба си ја врши работата. Собираме информации и гледаме дека Русија разгледува можни провокации во балтичкиот регион и можна употреба на операции со лажно знаме“, рече Каунас.
Тој додаде дека, според проценките на Литванија и одредени сојузници на НАТО, сценариото за користење лажни украински беспилотни летала во моментов е најреално.
Каунас истакна дека Литванија во моментов не се соочува со непосредна конвенционална воена закана и дека нема индикации дека Русија собира сили во близина на границите на Литванија.
Литванските вооружени сили од 18 јуни ѝ помагаат на Службата за јавна безбедност во заштитата на клучната инфраструктура, вклучувајќи го терминалот за течен природен гас во Клајпеда, енергетската интерконекција ЛитПол Линк со Полска, трансформаторската станица во округот Алитус и хидроцентралата Круонис.
Литванскиот министер на 17 јули ја продолжи воената поддршка на тие операции до 19 август, со распоредување на до 30 војници, транспортни возила и еден брод.
Русија ги отфрла обвинувањата дека планира напади врз членките на НАТО, но литванските власти предупредуваат дека критичната транспортна и енергетска инфраструктура останува потенцијална цел за провокации и саботажи.
Фото: архива




