Авион од Србија со десет илјади вакцини Астразенека за Сараевскиот кантон денеска слета на аеродромот во Сараево, јави дописникот на МИА од Белгард.
Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар, кој пристигна во Сараево за да ги достави вакцините, на аеродромот во Сараево беше пречекан од премиерот на Сараевскиот кантон, Един Форто и министерот за здравство, Харис Враниќ.
Вчера, Владата на Србија одлучи да испрати донација од 20.000 дози вакцини Астразенека до Сараевскиот кантон како помош во борбата против ковид 19, кои се доволни за вакцинирање на десет илјади луѓе.
Првата тура пристигна денес, додека остатокот потребен за ревакцинација ќе пристигне кога тоа ќе биде потребно.
Претходно Србија на БиХ на почетокот на март и достави 5.000 вакцини од британско-шведскиот производител Астразенека, кои на аеродромот во Сараево ги врачи српскиот претседател Александар Вучиќ .
Српската влада обезбеди и 5.000 дози на руската вакцина Спутник Ве за имунизација на здравствени работници против коронавирус во Република Српска, што е резултат на договорот меѓу српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и српскиот претседател Александар Вучиќ.