Германија денеска предупреди дека вчерашните настани околу иранската инсталација за збогатување ураниум во Натанц не се добри навестувања за успешни нуклеарни разговори, што се насочени кон заживување на замрзнатиот договор за ограничување на нуклеарните амбиции на Техеран.
-Тоа што во моментов го слушаме од Техеран не е позитивен придонес, особено развојот во Натанц, изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас пред утрешните разговори во Виена.
Еден ден откако Техеран соопшти дека во фабриката во Натанц почнала работата на најсовремените центрифуги за збогатување ураниум, со што се крши нуклеарниот договор од 2015 година, Маас кажа дека фабриката била нападната со прекин на електричната енергија, што било окарактеризирано како „тероризам“ и за што е обвинет Израел.