И покрај ветувањето од опозицијата дека денеска ќе учествува на седницата за донесување на пакетот антикризни мерки, власта прави политички циркус со коронавирусот во Македонија, за да ја затскрие неспособноста во набавката на вакцини и имунизацијата.
Пратеничката во Собранието на Република Македонија од СДСМ и коалицијата Можеме Бисера Костадиновска-Стојчевска која е позитивна на Ковид-19, пред малку на совојот Фејсбук профил објави дека во скафандер заштитена ќе оди во Собранието да учествува на денешната седница.
-Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании. Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот, пишува Костадиновска-Стојчевска.
Пратеничката нагласува дека нема да дозволи уцени и дека нејзина должност како пратеничка е постојана и благородна.
-И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив. А, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата можат и понатаму да прават сѐ што намериле против народот – но џабе им е, денес ќе ја завршиме работата. Граѓаните ќе победат и уште еднаш ќе видат колкава разлика има меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ односно меѓу тоа да правиш се за народот и да правиш се против народот, објави Костадиновска-Стојчевска.
Во Собранието денеска би требало да бидат изгласани законите од петтиот антикризен пакет со што тој треба да стане функционален. На веб страницата на Собранието во 14:15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32. седница.Законите од петтиот пакет се очекуваше да бидат изгласани во четвртокот, координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Собранието повеќе од два часа се расправаа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36. седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески тогаш изјави дека тројца пратеници од нивните редови се во болница поради Ковид-19.
Со овој потег на власта се доведува во опасност и здравјето на останатите пратеници и граѓаните.