По кратко боледување на 82 години почина академик Богомил Ѓузел, македонски поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач.
Ѓузел е поет, раскажувач, драмски писател, есеист – припадник на третата повоена генерација македонски писатели, генерацијата што се појавува во втората половина на 1950-те години на 20. век и која со своето дејствување изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската книжевност.
Академик Ѓузел важи за наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. На македонски јазик во негов превод се достапни најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир. Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т. С. Елиот, В. Х. Одн , Емили Дикинсон, Шејмас Хини и други, а е составувач и преведувач на Антологијата на современа американска поезија.
Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Србија. Роден е во Чачак, каде што татко му, Димитар Ѓузелов, работел како гимназиски професор со забрана за враќање во Македонија. По бугарската окупација во 1941 неговото семејство доаѓа во Скопје, каде Ѓузел израснал и се школувал.