Луѓето што се неверници и што се против Бога да не се мешаат во црковните работи, бидејќи Црквата не се меша во работата на државата, изјави за порталот Плусинфо владиката Петар, коментирајќи ја изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека го осудува причестувањето од иста лажичка.

– Луѓето што не се во Црквата да не се мешаат во црковните работи, бидејќи нашите верници никогаш не се причестувале од повеќе лажички, па нема ни сега. Луѓето што се неверници и што се против Бога, тие нека си кажуваат што сакаат во јавноста, ама нека не се мешаат во Црквата како што ние не им се мешаме во државата. Ние сме самостојна црква и сами ги носиме одлуките. Преку причестувањето, верниците ги примаат телото и крвта Христова, а тука не може да се експериментира. Ако заразата се ширеше преку причестувањето, тогаш сите свештеници, ѓакони и владици ќе беа мртви, оти ние се причестуваме по секоја литургија, секоја недела, изјави митрополитот Петар.

Руската православна црква (РПЦ), на почетокот на пандемијата со ковид-19 воведе правило лажичката со којашто се врши причестувањето да се дезинфицира во алкохол по секое причестување.

Мерки за заштита спроведува и Српската православна црква (СПЦ), а таму владее правилото свештениците да ја истураат причеста директно во усната шуплина на верниците, без да ја допираат устата на луѓето.