Тетовско Теарце е место каде живеат Македонци, Албанци, Турци, Срби и Роми, па таков повеќенационален е и составот на месната заедница која преку заедништво, соработка и помагање се обидува да ги подобри условите за живеење во ова место, а воедно и да ја унапредат меѓуетничката толеранција и соживотот. Сегашниот состав на месната заедница која функционира од jули 2020 година брои 11 членови и има претставници на сите заедници.
-Месната заедница ја составивме така што освен од сите националности да имаме и по еден претставник од сите маала. Така ќе знаеме во секое маало кои се проблемите и како ние од месната заедница ќе можеме нешто да направиме. Секој претставник од маалото ги знае состојбите во неговото окружување и се знае претежно со сите и може да ги пренесе проблемите и барањата на состаноците за понатамошно разгледување. Така се опфатени сите според местото на живеење во селото, но и според националната припадност, вели Емир Ќамили претседателот на месната заедница.
Така во овој краток период од помалку од една година со залагање на членовите на месната заедница уредени се неколку зелени површини, отстранување отпадоци, поставени неколку заштитни огради, работа на прочистување под мостови, неколку илјади квадратни метри со бекатон плочки на повеќе улици, уредени се стотици метри канали, работено е на влезот од селото и слично. Преку сите овие извршени работи, како и при разговор со претставниците на месната заедница, се согледува нивниот огромен ентузијазам. Претседателот Емир кој е на 31 година и спаѓа меѓу најмладите објаснува дека мора да се прави напор Теарце да биде подобро место за живеење поради трендот на иселување, пред се кај младите луѓе.
-Само чекаат луѓево да заминат во Германија. Поради пандемијата угостителските објекти и фирми таму не работат, па дел од младите се дојдени назад. Штом ќе се нормализира работа, нема да остане никој од младите. Перспектива не гледаат тука. Од друга страна, има некои пензионери кои работеле во странство доаѓаат тука да живеат, ако не цела година, барем во периодот од април до октомври. Инвестираат во куќи и бизнис па затоа треба да се работи за подобра инфраструктура, вели Емир.
Месната заедница има сопствена просторија каде може секој да дојде и да се обрати за помош или да достави одредено барање. Особено се иницирало на тоа да се има посебна просторија за месната заедница, за, како што велат, да има вистинска работна атмосфера, а не таквите средби и состаноци да се одвиваат во некој од локалите.
-Што вели народната поговорка- Што фали во празна куќа? Во наше село изгледа се фали. Ние сме почнале лека-полека да средуваме бидејќи инфраструктурата е главна за нормален живот во ваква средина. Барања има секакви. Пример и кражба на дрвја од приватните имоти во шумите. За сите проблеми граѓаните доаѓаат овде. Сакаме што повеќе од проблемите да се решат, вели во разговорот Арбен Мемети, член на месната заедница.
-Напластени се проблемите во селото и затоа имаме многу области каде треба да се дејствува и да се работи. Не се прави разлика каде се работи, се обидуваме во сите маала да се надминат проблемите кои постојат и да им направи поугоден животот на мештаните. Има една хармонија која помага и претставува основа да се средат некои од работите, вели Борче Ацовски, исто така, член во месната заедница.
Потребните средства за изработка на разните проекти месната заедница ги обезбедува преку јавен повик за донации од страна на жителите на Теарце.
-Не се бара од мештаните задолжително да учествуваат, туку кој како може и сака. Ја нарекуваме членарина за да може да се евидентира и да се знае како се потрошени парите. Сумата е од 1000 денари од куќа, како донација. Но имаме и примери од печалбарите кои давале и по 100, 200, 300 евра, зависи од акцијата. Има поддршка од населението, може 90 отсто од куќите донирале средства, објаснува Алтин Селими.
Овие луѓе се обидуваат што може повеќе да добијат помош од општината. Велат, самиот закон е насочен кон тоа месната заедница да биде врската помеѓу општината и граѓаните.
-Разни се барањата од граѓаните како за средување на улично осветлување и чистота. Но кај нас се обраќаат и за најголемите проблеми како за водата за пиење, фекална канализација, средување на коритото од реката поради опасност од поплави, уредување на мрежата на електродистрибутивната компанија. Тие се работи и теми кои ние како месна заедница не сме во можност да ги средиме и затоа е важно да општината да ги надмине овие работи, објаснува Емир Ќамили.
-Извори имаме но некогаш се зема вода и од реката кога има недостиг. Поради хидроцентралите на реката се јави проблем со водата за пиење, испитана е и таа не е за пиење. Решението е вода да се зема од постоечки извори. Од постарите луѓе во селото знаеме дека има многубројни извори со кои може да се снабдуваме со огромни количини вода уште долго време. Ваква активност нема направено од општината. Исто канализација не е наш домен. Уште има септички јами, но треба да се промени тоа. Нема дворови веќе. Нема кај да се градат тие јами, па мора да се изгради и фекална канализација, објаснува Арбен Мемети.
Иако Теарце беше во жариштето од 2001 година тука соживотот продолжи и се негува, сметаат соговорниците.
-Позитивно е што работиме заедно, така нема основа некој да рече дека месната заедница работи само кај Македонците или само кај Албанците, вели Емир Ќамили.
-Кога го правевме патот кон полиција, каде што живеат повеќе Македонци, организиравме околу 2000 евра да се соберат за работна рака и пола од бекатонот, песок и слично. Сме оделе мешано од куќа до куќа, еден Македонец и двајца Албанци, да собереме пари, никој не не вратил. Ни рекоа секогаш кога ќе има потреба пак сакаме да донираме за убави работи, рече Арбен Мемети.
Месната заедница брои освен по разни националности и членови од разни возрасти и професии. Теарце е на 11 километри северно од Тетово, на надморска височина од 540 метри, со атар од 31,8 квадратни километри. Според пописот од 2002 има 3900 жители.
Александар Самарџиев за МИА