За европската перспектива и бугарското вето, но и грчката поддршка, за Договорот од Преспа, како и за односите со поранешниот и актуелниот премиер на Грција, говори претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев во неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“, во интервјуто под наслов „Заедно за Балкан на 21-от век“, јави дописничката на МИА од Атина.
Премиерот Заев објаснува дека и покрај позитивните извештаи од Европската Комисија и покрај Договорот за добрососедство со Бугарија, сепак поради ветото од Софија, Македонија не ги започна преговорите со ЕУ.
-Во 21 век да ја одредуваш историјата на друга нација не е во согласност со европскиот дух, бидејќи треба заедно да градиме иднина. За С. Македонија, за македонскиот народ, за сите граѓани на нашата земја, било каква интервенција во македонскиот идентитет е неприфатлива. Процесот трае веќе подолго време, не сакаме да запреме и нема да запреме, но нема да ги ставиме во опасност нашето достоинство и нашиот идентитет. Верувам дека ќе најдеме заеднички решенија со Бугарија и ќе изградиме квалитетна иднина за нас и за идните генерации, објаснува премиерот, потенцирајќи дека минатото не треба да се заборави, но „треба да се градат мостови на соработка меѓу сите балкански земји, бидејќи тоа е единствениот пат што води до успех“.
Од друга страна пак, вели дека Грција останува „силен медијатор и поддржувач“ на европскиот пат на нашата земја, нешто за што добил уверување и грчкиот премиер.
Заев потсетува на првите средби со Мицотакис во септември и ноември 2019 година, велејќи дека и тогаш и на следните средби бил создаден „пријателски однос, ослободен од сите прашања што во минатото ги оптоваруваа билатералните односи“ , бил прифатен веќе дефинираниот партнерски однос основан на доверба и пријателство , „кој односите меѓу двете земји ги претвори во сојузништво“.
-Мојот колега, господинот Мицотакис категорично ме увери дека Грција останува еден силен медијатор и поддржувач на нашата земја во претстојниот преговарачки процес со Европската Унија. И двајцата се обврзавме за целосно и непречено спроведување на билатералните обврски одредени од Договорот од Преспа. На сите наши средби разговараме за поголема економска соработка која треба да продолжи и да се надгради, вели Заев, пренесе МИА.
Дополнително зајакнување на пријателството и енергетската соработка, според премиерот е и гасоводот што ќе ги поврзува двете земји, односно договорите како за терминалот во Александруполи, така и за изградбата на интерконекторот.
Додава дека овие проекти ќе бидат први од ваков тип во Југоисточна Европа, а со поврзувањето со Грција, наместо еден извор на природен гас, ќе имаме можност за снабдување од различни извори, од САД, Блискиот Исток и сл.
Дел од интервјуто за „Катимерини“ е посветено на Договорот од Преспа, преговорите и односите со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.
Вели дека три години подоцна може да каже дека и кај нас и во Грција се поклопи „силната политичка волја на лидерите и нивните соработници за промена на сликата на Балканот“.
-Мислам дека не би било претерување ако кажам дека и Алексис Ципрас и јас влеговме во процес во кој ја ризикувавме нашата политичка кариера, без да сметаме на личната цена. Го прифативме предизвикот да најдеме решение што произлегува од европскиот пристап во изнаоѓањето одговори на најтешките прашања, како што беше прашањето за името на мојата земја и нејзината долгогодишна блокада од три децении. Стигнавме до договор и до решение. Знаевме дека постоеше ќор-сокак, во спротивно немаше да постои таква политичка и лична волја на сите оние кои учествуваа во процесот, објаснува премиерот.
Додава дека во преговорите немало наметнувања, а најважниот момент бил кога констатирале дека ги делат истите вредности и одбрале да донесат одлуки и да го решат спорот.
-Одбравме да донесеме одлуки. Да го решиме спорот со името на мојата земја. Да не одолговлекуваме, да не земаме превид други фактори, да не си играме со јавноста како во мојата така и во вашата земја, да не им го трошиме времето на нашите пријатели и поддржувачи на процесот. Да му дадеме на регионот нов Балкан, Балкан на 21 век, каде што минатото, сенките на историјата, нема да бидат непремостливи пречки за заедничка иднина. Ова беше тоа што нѐ поврза и ова поврзување се зајакна од пријателската атмосфера што стануваше сѐ поинтензивна на секоја наша наредна средба, вели премиерот Заев за „Катимерини“.
Коментира дека пред Договорот од Преспа „бевме соседи кои секогаш имаа и трета страна на маса“, а сега сме сојузници во НАТО, додека пак членството на Северна Македонија во Северно- атлантската алијанса „е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност“, но е и најсилната гаранција за територијалниот интегритет и суверенитет на земјата.
Интервјуто на премиерот Заев за „Катимерини“ е во пресрет на неговото учество на Делфи економскиот форум, што од 10 до 15 мај ќе се одржи во Атина.
Освен Заев, на форумот, ќе учествуваат и вицепремиерот Никола Димитров, шефот на дипломатијата Бујар Османи и министерот за животна средина Насер Нуредини.