Индонезија денеска ја почна шемата на приватно вакцинирање со која ќе се имунизираат најмалку 10 милиони луѓе против Ковид-19, јави ДПА.

Овие вакцинации ќе ги плаќаат компаниите, почнувајќи од трудоинтензивни производители до микро, малите и средни претпријатија.

-Мило ми е што почна приватната шема за вакцинација. Се надевам дека сите ќе бидат заштитени од Ковид-19 и погоните во овие индустриски и деловни зони можат да бидат попродуктивни, изјави претседателот Јоко Видодо, кој присуствуваше на отворање на фабриката на Унилевер во Цикаранг, во провинција Западна Јава, додава германската агенција.

„Овој приватен начин за вакцинација може да ја забрза програмата за имунизиција во Индонезија“, додаде Видодо.

Почетокот на овој тип на вакцинација се одржа заеднички, преку видео конференциска врска, со други компании од 18 локации во индустриските зони околу главниот град Џакарта.

Според законската регулативата на Министерството за здравство, цената за единечна доза од  вакцината „Синофарм“ изнесува 500.000 индонезиски рупии или 35 долари.

Претседателот на индонезиската Стопанска комора, Росан Роеслани, изјави дека над 22.000 компании се пријавиле да вакцинираат повеќе од 10 милиони вработени и нивните семејства.

Индонезија си постави цел да го постигне имунитетот на стадото со имунизација на 181 милион лица, но овој процес се одвива бавно. На истокот од земјата се вакцинирани 22 милиони лица во рамките на владината програма за вакцинација, од кои осум милиони лица се ревакцинирани, пренесува ДПА.