Европа дава силна поддршка на португалскиот предлог како начин да се деблокира стартот на преговорите на Македонија со Европската Унија. Ваква порака денеска во Скопје испратија министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словенија.
-Тука сме за да дадеме поддршка на процесот. Ниту Европа ниту Македонија веќе немаат време за чекање и од клучна важност е Бугарија и Македонија билатералните прашања да ги решаваат преку билатерални договори а не преку Брисел, порачаа тие.
На прашање дали ЕУ се измори од 16 години испраќање пораки кои се сведуваат само на зборови, шефот на дипломатијата на Австрија, Александар Шаленберг одговори:
„Нештата навистина се променети. Затоа што сега зборуваме за конкретен датум, за отворање на меѓувладината конференција за започнување на преговорите“.
Чешкиот министер за надворешни работи, Јакуб Кулханек порача дека ЕУ не може и не смее да си дозволи да се заглави во ваквите историски спорови и барања.
„Мораме да го ставиме процесот во оптег. Ја планираме оваа конференција во јуни. Го спомнавме тоа и сакаме да направиме се што е можно за таа да се случи и затоа сме овде сите тројца министри“ смета тој.
Шефот на дипломатијата на Словенија, Анже Логар истакна дека посетата на претседателите на Македонија и Бугарија на Рим е одлична можност да се дискутира за прашањето.
Македонскиот шеф на дипломатијата рече дека не сака преку медиумите да дебатира за португалскиот предлог. Ја повтори официјалната владина позиција дека тој е добра основа за надминување на проблемот. Одби да дава прогнози за епилогот на јунскиот самит, но рече дека тој е неповторлива можност.