Владата со поддршка од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој преку нова финансиска конструкција овозможува реализација на проектот за железничкото поврзување со Република Бугарија. Денеска од страна на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски, и директорот на ЕБОР Фатих Туркменоглу, раководителот на Канцеларијата на ЕИБ во Скопје Бјорн Габриел потпишаа амандмани на договорите за финансирање и амандман на договорот за грант и проектниот договор.

-Со денешното потпишување на овие амандмани на договорите за финасирање и договорот за грант обезбедуваме финансиска конструкција што ќе овозможи целосна реализација на проектот, трета делница од железничкиот Коридор 8, Крива Паланка-граница со Република Бугарија, а кој не само што ќе обезбеди подобра поврзаност меѓу Јадранското и Црното Море, туку ќе придонесе и за поголема економска интеграција, полесно движење на луѓето и стоките, како и за нови можности за развој на македонската економија и на целиот регион, рече министерката на потпишувањето на договорите на кој присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.

Министерката потенцира дека на овој начин создаваме услови за непречено продолжување на реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.

-Средствата за имплементација на третата делница се обезбедени со поддршка од нашите долгогодишни партнери, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Овие институции со години се меѓу најзначајните поддржувачи на развојните проекти во нашата држава, инвестирајќи во транспортна инфраструктура, енергетика, водоснабдување и во поддршка на приватниот сектор, наведе министерката.

Таа додаде дека Владата има јасна определба за реализација на стратешките инфраструктурни проекти и потсети дека во изминатите две години интензивно се работи на забрзување на динамиката на проектите што беа наследени со застој, како и на започнување нови инвестиции што придонесуваат за подобри услови за живот, унапредување на економијата и напредок на евроинтегративниот процес.

Посочувајќи дека со усвоениот Ребаланс на Буџетот се обезбедени за 14,3% повеќе средства за капитални расходи, наведе дека тоа се инвестиции во повисока конкурентност на македонската економија, во подобра регионална поврзаност, во нови можности за бизнисот и во повисок животен стандард за граѓаните.

-Остануваме посветени на реализацијата на овие цели, водејќи сметка истовремено да ја зачуваме стабилноста на јавните финансии. Токму таквиот пристап преку одговорно управување со јавните финансии, обезбедување средства за капитални инвестиции и силно партнерство со меѓународните финансиски институции создава основа за одржлив економски раст, поголема конкурентност и побрза интеграција на нашата држава во европските транспортни и економски текови, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.