Корупцијата го чинеше Ирак 150 милијарди долари шверцувани во странство од 2003 година, изјави денеска ирачкиот претседател Бахрам Салих.
Како што јави ДПА, Ирак е во длабока економска криза, надополнета со пад на цените на нафтата, главниот извор на приход на земјата и пандемијата на коронавирусот.
– Вкупната вредност на извозот на ирачката сурова нафта од 2003 година до сега надмина 1.000 милијарди долари, додека скалата на корупција се проценува на 150 милијарди долари шверцувани во странство преку зделки, рече Бахрам во телевизиското обраќање без да даде детали.
Тој предложи формирање меѓународен антикорупциски сојуз, по теркот на мултинационалната воена коалиција, која се бореше против милитантите на Исламска држава во Ирак и соседна Сирија.
– Корупцијата и тероризмот се меѓусебно поврзани, рече Салих.
Тој додаде дека на ирачкиот парламент му претставил нацрт-закон за да помогне во враќањето на пари кои, наводно, биле шверцувани во странство преку корупција.
Од октомври 2019 година во Ирак се одржуваат улични протести на кои демонстрантите повикуваат да се стави крај на корупцијата и ревизија на политичкиот систем во земјата, кој се спроведува од инвазијата предводена од САД во 2003 година.
Протестите се смирија малку откако во мај минатата година беше формирана новата влада предводена од премиерот Мустафа ал-Кадими кој вети реформи.