Премиерот Заев стои зад реформскиот проект со неговата влада, додека Царовска е само инструмент. Ова што се случува со образованието не е разумно, пишува универзитетскиот професор по педагогија и поранешен политичар, Џеладин Мурати.

-Пукнатини има во новиот реформски пристап кон основното образование, како голем проект на министерката за образование Мила Царовска. Образовни реформи сосила не успеваат, дури е и опасно. Реформите мора да донесат современи правила, принципи и содржина, а не незадоволство, отпор, протест и референдум. Овој концепт на реформи се чини дека пропаѓа од самиот почеток, пишува Мурати во неговата колумна во весникот на албански јазик Лајм.

Мурати натаму наведува дека „премиерот Заев стои зад реформскиот проект со неговата влада, додека Царовска е само инструмент“.

– Ова што се случува со образованието не е разумно. Никој не е против квалитетни реформи, кои носат нови вредности и модернизација на знаењето, но реформата бара студии, длабинска анализа, подготовка без избрзувања, обемни консултации и етапни реформи чекор по чекор, пишува Мурати.

Тој оценува дека оваа реформа нема да биде успешна.

– Политизацијата и пристрасноста на образованието го кочат остварувањето на мисијата и на функцијата на образованието и на училиштето. Единствениот начин да се избегнат несогласувањата е Царовска да дебатира со прореформската група што ја поддржува реформата, но и со противниците на реформата, пишува Мурати во колумната во Лајм.