Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на Општина Прилеп во изјава за медиуми рече дека криминалниот скандал за изнудата на 250 илјади евра од РЕК Битола и лошото менаџирање со енергетските компании се поврзани работи. И според него, тоа ќе предизвика ценовен шок, односно поскапување на електричната енергија во државата.
-Лошото менаџирање со енергетските компании ќе предизвика ценовен шок, односно зголемување на цената на електричната енергија. Струјата ќе поскапи како за граѓаните така и за оние кои добиваат сметки кои што универзалниот снабдувач или ЕВН кој ги испорачува. Во случајов го имаме овој криминален скандал кој што вчера ВМРО-ДПМНЕ го соопшти на брифингот за новинарите. Но, тој е еден од многуте што доведе да лошо се менаџира и управува со ресурсите како што се јагленот и водата. И тоа понатаму имплицира зголемување на цената на струјата – истакна тој.
Мицкоски од Прилеп исто така соопшти дека фокус на ВМРО-ДПМНЕ е ќе биде енергетиката и вложување во чиста енергија, но балансирано да не доаѓа до ценовни шокови како што сега ќе бидат предизвикани од СДСМ.
-Ќе вложуваме во избалансирана енергија, бидејќи сега нема никакви вложувања ниту во чистата ниту во друг тип на енергија. Но, за да го реализираме сето она на што сме се обврзале потребно е да ја добиеме довербата од граѓаните и да покажеме дека може поинаку – посочи Мицкоски.
Мицкоски рече и дека условите за стопанисување се тешки. Освен пандемијата, работите дополнително ги комплицира самата локална администрација и централната влада тие услови ги направи да бидат уште потешки.
-Овие луѓе се навистина јунаци да обезбедат работа за вработените, да обезбедат пристоен личен доход и континуирано да работата на подобрување на условите за работа и условите за живеење на вработените во овие претпријатија. Така што еве на крај мојата порака е, дека од овие најтешки и најлоши четири години за Прилеп и прилепчани, следуваат најдобрите четири години кои што ќе биде градоначалник на предлог на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, вистински економски, инфраструктурен и урбанистички бум на Прилеп и на прилепчани.