Екипите на Барселона и на Анадолу Ефес ќе играат во утрешното финале на фајнлфорот од кошаркарската Евролига во Келн.

Шпанскиот тим во драматичен натпревар го совлада синоќа италијански Армани со 84:82, а победничкиот кош на 0.8 секунди пред крајот го постигна Кори Хигинс.

Најдобар ефект кај Барселона имаше Никола Миротиќ со 21 поени.

Во „реприза“ од последното финале во Евролигата од пред две години, Ефес во неизвесен финиш го совлада актуелниот освојувач на трофејот ЦСКА Москва со 89:86.

Најефикасен во редовите на Анадолу Ефес беше Василије Мичиќ со 25 поени.

Анадолу Ефес досега ниту еднаш ја нема освоено европската титула, и само втор пат ќе игра финале, по 2019 година, додека Барселона има две титули од седум финалиња, последен пат во 2010 кога стана европски првак.

Финалето во Келн е на програмата в недела со почеток од 20:30 часот.