Грчкиот заменик министер за надворешни работи Константинос Власис во интервју за бугарскиот дневен весник „Труд“, вели дека Грција силно ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан, позиција што ја потврдија премиерите за време на нивниот состанок минатата година.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Власис за „Труд“ посочува дека меѓу соседни земји и особено во регион како што е Балканот, каде што историјата поминала долг пат, неминовно има разногласија и разлики.
Според него, единствен начин да се надминат разногласијата секогаш се дискусијата и дијалогот. Во тој контекст и како што е познато, Грција ги надмина разликите со Северна Македонија пред неколку години.
Власис е категоричен дека Атина би сакала да види да бидат надминати сите разлики меѓу Софија и Скопје. Единствена цел е, додава. да се постигне сигурност и стабилност во поширокиот регион и да создаваме заедничка европска иднина за нашите граѓани.
Во врска со грчко-бугарските односи, Власис вели дека Грција и Бугарија се пример за хармонична соработка во регионот и заедно го покажуваат патот по кој треба да се оди за да се надминат разликите од минатото и да се изградат искрени односи на пријателство и соработка.