Регионалните здруженија кои го носат името на светецот Јован Рилски иницираат марш „Светиот пат“ или бугарски Ел Камино, изјави претседателката на националниот комитет Свети Јован Рилски, Христина Барзанова.
Како што јави БТА, маршрутата ќе се одвива по патот по кој поминале моштите на Свети Јован Рилски во 1469 година и тоа ќе биде најголем марш на верниците во Бугарија. Настанот е посветен на 552-годишнина од пренесувањето на моштите на светецот од Велико Трново во Рилски манастир.
Верниците оваа година третпат ќе се движат од Велико Трново до Рилски манастир.
Маршот почнува на 1 јули и ќе заврши на 31 јули, а верниците ќе поминат низ 59 населени места и манастири. Светиот пат ќе биде обележан со симболот на Свети Јован Рилски – лист од даб на кој има православен крст, бидејќи се верува дека првото засолниште на светецот било дабово дрво.
Во Подземниот музеј за рударството во Перник е зачуван иконостас на Свети Јован Рилски. Жителите на Перник веруваат дека светецот ги спасил затрупаните рудари и оттогаш Јован Рилски е заштитник на рударите. Исто така се верува дека светецот го спасил Перник кога на 22 мај пред девет години градот беше погоден од земјотрес од 5,9 степени според Рихтеровата скала, а немаше ниту една жртва.
Дел од моштите на Свети Јован Рилски во 2009 година се пренесени од Рилскиот манастир во Перник.