Тоа што го сториле мнозина борци од Илинденскиот период, саможртва за да не паднат живи во рацете на непријателот, на денешен ден, пред 77 години го повторил и херојот Блажо Тодоровски Чичето – се самоубил за жив да не падне во рацете на бугарскиот окупатор.
На 7 јуни 1943 година, во борба со бугарската окупаторска војска, кај прилепското село Никодим, откако бил тешко ранет и отсечен од единицата, се самоуби македонскиот народен херој Чичето.
Роден е во кавадаречкото село Ресава на 13 април 1902 година. Живеел во сиромашна земјоделска фамилија. Бил со бунтовен дух против неправдите уште во периодот на српската окупација на Македонија во Кралството Југославија.
По капитулацијата на Кралска Југославија и новата бугарска окупација на Македонија, се поврзал со партиската организација во Кавадаречко, и во летото 1941 година станал член на КПЈ. Во декември 1942 година ги примил партизаните од разбиениот Велешки одред, а во април 1943 им се приклучил на партизанските групи кај Полошкиот манастир во Тиквешко, од кои е формиран Тиквешкиот одред Добри Даскалов, а бил избран за негов заменик-командант.
Од почетокот на 1941 година бил активен во собирање на оружје и материјали за востание против бугарската фашистичка окупација. Ги крстосувал селата низ Тиквешијата, особено пред формирањето на одредот Добри Даскалов. Чичето, кое му е партизанско име, формирал групи за прифаќање на илегалните кадри и за нивно префрлање во македонските вооружени формации за борба против Бугарите.
Во мај 1943 година тој е во стројот на одредот Добри Даскалов. Прекален и со искуства уште во борбата за правда против српските окупатори, против новите бугарски окупатори. Тој уште од првите борби на одредот бил пример за храброст и бил поттикнувач на моралниот и борбен дух кај борците на македонскиот отпор во Тиквешко.
Народниот херој Чичето особено се истакнал во битките кај селата Ресава, Гарниково, Бојанчиште и други. Подготовките по селата кои тој предходно ги поминал и организирал силни народни ќелии за македонската герилска помош, се покажале токму кога тоа им било нужно на борците. По сите села низ Тиквешијата македонските борци биле прифаќани и помагани со се што можел да им помогне народот – храна, облека, оружје, помо за лекување на ранетите и друго.
Во јуни 1943 година одредот добил задача да изврши напад на бугарски сили во селото Никодим, а комадир на јуришната група бил токму Чичето. Предводејќи ја ударната група, Чичето успешно го води нападот и притоа му нанесуваат големи загуби на бугарскиот окупатор.
Но, во жестокиот судир, Чичето бил ранет и останал отсечен од другите борци, но и сам и тешко ранет продолжил да дава жесток отпор. Кога муницијата му привршила, сам се убил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на окупаторот.
Неговата смрт болно одекнала низ Тиквешијата.
За народен херој на Македонија е прогласен на 11 октомври 1953 година.
Други настани, на денешен ден, од историјата на Македонија
Роден е македонскиот војвода Петар Ацев
Во прилепското село Ореовец на 7 јуни 1877 година роден е Петар Ацев, македонски револуционер, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
На Смилевскиот конгрес бил еден од главните противници за кревање на востанието. По завршувањето на Илинденското востание бил избран за нелегален член на окружниот комитет. Водел неколку борби со отомански сили и со четите на српската и грчката пропаганда во Македонија.
Во 1907 година учествувал во битката на Ножот.
На Ќустендилскиот конгрес Петар Ацев бил избран за дополнителен член на ЦК на ВМРО. По Младотурската револуција излегол од илегала и се населил во Прилеп. Две години подоцна бил уапсен и 15 месеци и носен низ затвори низ Македонија и во Мала Азија.
Бил ослободен во средината на 1911 година, по што се населил во Пловдив во Бугарија. Учествувал како доброволец во Балканските војни, а потоа и во Првата светска војна. Петар Ацев учествувал во Привременото претставништво на поранешната ВМРО, а подоцна е член на Илинденската организација.
Ранет бил во текот на Горноџумајските настани во септември 1924 година. Починал во Пловдив во 1939 година.
Убиен е Александар Протогеров
На 7 јуни 1928 година е убиен Александар Протогеров, политичар, генерал и раководител на Внатрешната македонска револуционерна организација.
Учествувал како доброволец во Српско-бугарската војна. Бил член на Македонскиот комитет, војвода во Горноџумајското и Илинденското востание. Бил резервен член на ЦК на ВМОРО, претседател на ИК на Македонските добротворни братства во Бугарија.
Во Балканските војни бил член на штабот на Македонско-одринското ополчение, а во времето на бугарската окупација во Првата светска војна бил заменик началник на Македонската воено-инспекциска област и командант на Моравската воено-инспекциска област, произведен во генерал-лајтнант на бугарската армија.
По војната со Тодор Александров и Петар Чаулев се во ВМРО. Бил потписник на Мајскиот манифест. По расколот во ВМРО бил убиен во Софија од страна на Михајловистите.
(Подготвил: Д.Г.)