Дополнително скратување на полицискиот час и продолжување на работното време на угостителските објекти, како и укинување на забраната за музика во кафулињата и рестораните, се мерките кои денеска ќе ги разгледа Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Ако препораката на епидемиолозите e позитивна, би можела веднаш да се спроведе, а портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони во интервју за грчката телевизија „Скај“, не ја исклучи можноста во текот на денот да бидат соопштени одлуките.
Пелони рече дека владините одлуки се базирани на препораката од комисијата, па затоа ќе го чекаат исходот од состанокот.
По укинувањето на карантинот, полицискиот час во Грција е од 00.30 часот, угостителските објекти работат само во надворешните делови до 00.15 часот, а музиката е забранета.