Русија е средишен проблем во американската внатрешна политика и претстојниот самит е со цел тој проблем да се менаџира и да се врати стабилноста во меѓусебните односи. Ова беше кажано денеска за време на Зум видео конференција одржана по повод претстојната средба на 16 јуни во Женева на претседателите на САД и Русија, Џо Бајден и Владимир Путин.
Според Ангела Стент, директор на Центарот за евроазиски, руски и источноевропски студии при универзитет Џорџтаун, Русија е централен проблем во домашната политика на САД уште од 2016 година.
-Се прават стратегии и големи напори тој проблем да се реши. Посебно бидејќи се работи за американската демократија, за мешање во изборите, а сега проблем стануваат и изразените хакерските напади на американски државни агенции и компании, рече Стент.
Претстојната средба Бајден-Путин следи по тензичната пролет со ескалација на руска вoена сила на границата со Украина, нови санкции и протерувања на дипломати, на руски од страна на НАТО сојузниците и на западни од страна на Русија.
-Белата куќа повеќепати досега ја истакна потребата од дијалог со Москва, и овие сигнали Кремљ веднаш ги прими и одговори реципроцитетно, истака Фјодор Лукијанов, главен уредник на списанието Русија во глобалната политика.
Според соговорниците, средбата со Бајден несомнено ќе биде многу поразлична отколку онаа што Путин ја имаше со поренашниот претседател Доналд Трамп во Хелсинки во 2018 година. Трамп тогаш одби да го критикува Путин и отворено ги отфрли наодите на американското разузнавање за руска вмешаност во изборите во 2016 година.
Бајден од своја страна вети потврд став кон Русија отколку Трамп и ќе бара обнова на „предвидливоста и стабилноста“, соопштија од Белата куќа.
Оттаму укажаа дека на средбата ќе се дискутира за цела низа горливи прашања, „од човекови права до кибер нападите“. Од своја страна, Кремљ соопшти дека претседателите ќе дискутираат за „тековните состојби и изгледи на руско-американските односи, прашањата за стратешката безбедност и акутните проблеми од меѓународната агенда како пандемијата на коронавирус и решавање на регионални конфликти“.
Џен Псаки, портпаролка на Белата куќа, кажа дека Украина несомнено ќе биде дел од агендата на дискусиите каде Бајден ќе ја изрази поддршката за „суверенитетот и територијалниот интегритет“ на земјата. Американскиот претседател ќе се обрати и по повод присилното слетување на патничкиот авион на „Рајанер“ и апсењето на белорускиот опозициски блогер Роман Протасевич, што се случи на 23 мај.
Соговорниците од видео конференцијата укажаа и дека Бајден повторно ќе ги истакне повиците за ослободување на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
Кремљ повеќе пати досега укажа дека тие повици се мешање во домашната политика на Русија и во пресрет на самитот уште повеќе го затегна ременот околу критичарите, со ставање на мрежа на организации раководени од Фондот за борба со корупција на Навални во листата на „екстремистички организации“.
Според Кадри Лијк, соработничка во Европскиот совет за надворешни односи, не постои хемија меѓу Бајден и Путин, односно меѓу двајцата не постои никаков однос.
Според изданието Њујоркер, за време на лидерска средба во 2011 година кога Бајден беше потпретседател на САД а Путин премиер на Русија, првиот погледнал во очите на другиот и рекол „мислам дека ти немаш душа“.
Односите меѓу двајцата станаа напнати откако Баден ја презеде функцијата годинава во јануари. За време на интервју во март, тој се согласи со описот дека Путин е „убиец“, и изјави дека рускиот лидер „ќе плати“ поради обидите за поткопување на американските избори во 2020 година. Во одговор на ова, Русија времено го отповика својот амбасадор од Вашингтон, првпат по две децении, а Путин одговори во шеговит, детски манир „кој става прекари тој самиот е таков“, и му посака добро здравје на Бајден.
САД во март воведоа потврди санкции против Русија поради труењето и затворањето на Навални, а месец подоцна протераа руски дипломати и санкционираа повеќе компании поради хакерските напади врз „СоларВиндс“ и мешањето во изборите.
Соговорниците на конференцијата сепак се сложија дека иако односите се комплицирани и на моменти тензични, двајцата лидери ќе се обидат да изнајдат заеднички јазик и да го подобрат дијалогот. Некои од прашањета за кои тие би можеле да се сложат се пандемијата, нестабилноста на Блискиот Исток и климатските промени.
Инаку, изборот на местото на средбата е симболичен. Женева е градот каде се одржа првата средба меѓу американскиот претседател Роналд Реган и советскиот лидер Михаил Горбачов во 1985 година. Оваа средба придонесе кон намалување на тензиите за време на Студената војна.
Во интервју за агенцијата Интерфакс, Горбачов, кој во март наполни 90 години, изјави дека, „многу се уништи во однос на стратегиската безбедност, и сега е потребно тоа да се обнови“. Според него Бајден е претседател со кого Русија може да се договара и дека „претходниот тим се покажал ненадежен“.