Синот на поранешниот претседател на Либија, Муамер Гадафи, Саиф ал Ислам Гадафи сака да се кандидира за претседател на престојните избори, објави Тајмс.
Саиф (48) не е појавен во јавност откако пред 10 години беше виден во либиската пустина.
Тајмс наведува дека Саиф се обидува да стапи во контакт со западните и останатите дипломати, за тие да го потврдат неговиот идентитет, бидејќи се враќа во јавниот живот.
Но, Меѓународниот кривичен суд во Хаг има распишано потерница по Саиф, кој е осомничен за воени злосторства.
Неговите соработници тврдат дека тој набрзо ќе има обраќање до јавноста.
Саиф планира да се кандидира на претседателските избори што се закажани на 24 декември, но според неговите соработници, сегашната номинација би била преуранета бидејќи постои можност неговите противници да побараат да му се забрани учество на изборите.