Владата предводена од СДСМ придонесе за надминување на последиците од коронавирусот, па денес имаме економија која е стабилна, жива и динамична, а платите континуирано растат.

Ова се истакнува и во соопштението од владејачкиот СДСМ, во чии соопштенија секојдневно „економијата ни цвета, платите растат, невработеноста на историско ниско ниво“, а во реалниот живот десетици илјади работници останаа и без плата и без работа. Го објавуваме соопштението на СДСМ во целост:

Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев продолжуваат со вистинска грижа за сите граѓани, со директна поддршка за македонската економија, за спас на работните места.

За 2.204 угостителски објекти со 11.235 вработени, кои беа затворени со владината одлука за спречување на ширење на Ковид, обезбедени се 5,77 милиони евра.

Сите економски антикризни мерки што ги презеде Владата предводена од СДСМ за време на пандемијата придонесоа за надминување на последиците и денес имаме економија која е стабилна, жива и динамична.

Силна потврда за тоа се бројните статистички параметри.

Степенот на невработеност е на историски најниско ниво и изнесува 16 отсто.

Паралелно, бележиме раст на извозот и раст на индустриското производство.

Континуиран раст бележат и платите. Просечната плата за месец март изнесува 28.217 денари, што е за 6,8 отсто повисока од истиот месец лани.

Како одговорна, социјалдемократска партија продолжуваме со мерки и политики кои овозможуваат забрзан економски раст и повисок животен стандард за граѓаните.

Центар за односи со јавноста на СДСМ