Управата на тексашката електродистрибуција ги замоли граѓаните на Тексас да ги наместат термометрите на клима уредите на 25,5 степени или повеќе, да ги исклучат светлата и пумпите за базени и воопшто да избегнуваат вклучување на големи потрошувачи како што се рерни, машини за перење и сушење алишта.
Барањето доаѓа со зголемувањето на темпаратурите, а со цел електромрежите да останат стабилни бидејќи имаат проблем да генерираат доволно електрична енергија.
Молбата на електродистрибуција ги потсети жителите на Тексас на зимата, кога 4,8 милиони жители на оваа американска држава останаа без електрична енергија поради снежна бура, потсетува Гардијан.
Медиумите известуваат дека до крајот на седмицата можни се рестрикции во Тексас.
Очигледно се движиме кон климатски промени кои ќе донесат повеќе екстремни суши и посилни урагани, кои вршат притисок врз електромрежата. Неделава видовме дека електромрежата во Тексас е едвај подготвена за времето кое е топло за јуни, но веројатно ќе биде уште пожешко во јули и август, изјавил Ден Коан, електроинженер и професор на универзитетот Рајс.