Папата Франциск денеска, на Светскиот ден на бегалците, изрази жалење што „илјадници бегалци во Мјанмар умираат од глад“, приклучувајќи се на повикот на мјанмарските бискупи кои бараат воспоставување хуманитарни коридори.
Тој го повика светот да сочувствува со мигрантите и со сите оние кои морале да ги напуштат своите домови.
– Секој може да се најде во тешка ситуација, во каква се наоѓаат бегалците принудени да бегаат со бродови во друга земја. Има многу моменти во животот кога надежта згаснува и луѓето се очајни, истакна папата во обраќањето од прозорецот на Апостолската палата.
Поглаварот на Римокатоличката црква побара од верниците на Плоштадот Св. Петар „да ги отвориме своите срца за бегалците“.
– Ние искрено се молиме да бидат овозможени хуманитарни коридори и црквите, манастирите, џамиите, храмовите, училиштата и болниците да се почитуваат како неутрални места каде што бегалците можат да се засолнат, додаде папата Франциск, повикувајќи се на бискупите од Мјанмар.
Во Мјанмар завладеа хаос по извршениот државен удар на 1 февруари и бруталното однесување на армијата кон демонстрантите кои бараат враќање на демократијата. Судири избија во многу делови на Мјанмар каде цивилите формираа сили за „самоодбрана“ за да се спротивстават на хунтата.