Израелската војска денеска уби двајца Палестинци и уништи два магицини за лекови во близина на една болница во Појасот Газа.
Владата на Израел сè уште не соопшти дали го прифатила договорот меѓу САД и Хамас за разоружување на палестинското милитантно движење против кое војуваше.
Здравствените служби во Појасот Газа соопштија дека во воздушен напад двајца Палестинци биле убиени во населбата Шеик Радван во градот Газа. Израелската војска соопшти дека станува збор за членови на Хамас, но не даде дополнителни детали.
Во текот на ноќта, со воздушен напад Израел уништи два магацини кои ги користеше Болницата на мачениците Ал-Акса за складирање лекови во Деир ал-Балах, во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Израелската војска не се огласи во врска со тој напад.
Од болницата наведоа дека во магацините имало медицински материјал за третман на пациенти со бубрежни заболувања и за дијализа, како и друг материјал за преврзување рани и рутински третмани.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, сè уште јавно не ја коментираше изјавата на претседателот на САД, Доналд Трамп за договорот за разоружување на Хамас, додека министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, го нарече тој договор неприфатлив.
Советот за мир, кој го формира Трамп, задолжен за спроведување на неговиот план за ставање крај на војната во Газа, во четвртокот објави план кој предвидува разоружување на Хамас – што тоа движење го прифати – формирање нова палестинска политичка власт во Газа, прекин на израелските воени операции во Појасот Газа и, на крајот, можно повлекување на израелските сили од областа.




