Издавачот „Македонска реч“ го реиздаде 21-то издание на култниот роман „Марта“ од Горјан Петревски, со години најчитаната книга од овој автор кој најголем дел од своето творештво им го посвети на децата и тинејџерите.
Уште со првата објава учениците и наставниците во основното образование го одбраа како дополнителна, а потоа стана и задолжителната лектира. Романот е објавен во 1989 година во „Детска радост“ при тогашната НИП „Нова Македонија“ во 2.000 примероци, а со истиот тираж е и најновото 21-во издание. Оттогаш, на барање на читателите, романот постојано доживува реизданија. Она што е интересно е тоа што со подеднакво интересирање го читаат тинејџерите, но и возрасните, а во прв ред родителите.
– Романот е пишуван според вистинска случка добиена преку анонимно писмо во рубриката „Вљубена страница“ во списанието „Наш свет“, која што ја уредував триесет и шест години. Во него, и покрај траумите што ги доживува четиринаесетгодишната Марта, која трага по својот непознат татко, приказната завршува со хепиенд. Тоа посебно до израз доаѓа во вториот дел со наслов „Другата Марта“, кој доживеа две, а наскоро ќе биде објавено и трето издание. Всушност, проблемите што анонимно ми ги доверуваа тинејџерите, најдоа место и во другите мои романи. Притоа насетив дека возраста треба да се „подигне“ малку повисоко. Тоа, на мое задоволство, им се допадна и на читателите, наведе Горјан Петревски.
Романот „Марта“ е преведен и на англиски јазик, а е застапен во проектот „130 ТОМА МАКЕДОНСКА КНИЖЕВНОСТ“.
Корицата и компјутерската обработка се на академскиот сликар Томе Манески, а печатен е во печатницата „ГРАФО – ДЕН“ – Скопје.