Реформата во основното образование почнува со новата учебна година во прво и четврто одделение, за што се прават сите потребни подготовки, најавуваат од Министерството за образование и наука (МОН).
Наставата за прво одделенците и за четврто одделенците, прецизираат, од 1 септември ќе тече по новата Концепција, со новите материјали за учење за што сме сигурни дека ќе дадат подобри резултати кај учениците.
-Сите подготовки се одвиваат според планот и утврдената динамика. Наставните програмите се веќе донесени. Во постапка е набавката на 10 илјади таблети. Тече подготовката на материјалите за учење за прво одделение кои треба да се готови до крајот на јули, а првата половина на август првите дигитални учебници треба да бидат сосема готови и да се дистрибуираат до училиштата, соопшти МОН.
Дополнително, се вели во соопштението, се набавуваат кабинети за природни науки за 265 училишта. Овие кабинети се за погорните одделенија, но важно е училиштата да се подготвени за имплементацијата на реформскиот процес кој ќе се спроведува во следните 5-6 години.
Реформите во образованието, популарно наречени според министерката за образование Мила Царовска, „концептот на Мила“ предизвикаа полемики кај стручњаците, граѓаните и родителите на учениците поради што имаше и повеќе протести.
Царовска: Реформите стартуваат од септември
Реформите за основно образование стартуваат од септември за учениците во прво и во четврто одделение, потврди денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
По обраќањето на младинскиот форум „Гласот на младите дома го обединува регионот“ во Отешево, во изјава за медиумите министерката посочи дека програмите за работа се донесени, а подготвени се три сценарија за почеток на учебната година од 1 септември.
– Програмите се донесени. Транспарентно се објавени и сите дискусии, но со објавувањето се затворија, бидејќи видоа дека нема ништо драматично и различно од она што го ветувавме, а тоа е критичко размислување, поврзување со теми, проектно работење и сите други вредности, кои се значајни и треба да се воведат, како родова рамноправност, интеркултура, инклузивност. Тоа значи образование за секое дете со еднаков квалитет, изјави Царовска.
Министерката потврди дека се подготвуваат и материјлите за учење за прво и за четврто одделение како и дигитализација и мултимедија содржина за четврто одделение.
– Преку МОН се набавуваат 10.000 таблети, општините ги подготвуваат своите училници за стартот на новата учебна година. Се подготвуваме со три сценарија за физичко присуство, он-лајн учење и хибриден модел, со цел да имаме подготвен систем за сите три сценарија. Од 1 септември влегуваме во училница со физичко присуство и согласно епидемиолошката состојба ќе одлучуваме понатаму дали ќе се менуваат сценаријата и начинот на учење понатаму, додаде Царовска.