Исто така и пратениците Теута Биљали, Фадил Зендели и Африм Гаши од пратеничката група Беса потврдија дека ниту тие лично ниту пратеничката група имале сознание дека Зекирија Ибраими во процедурално ќе ја пеел албанската химна и дека било негова лична одлука.

Од исказите на сведоците Џеват Адеми и Артан Груби на главна расправа на 06 ноември 2020 се потврди дека Зекирија Ибраими бил пријавен пред нив за процедурално, а не како што лажно сведочеше Сашко Коцевски дека преку ред му е дадено збор на Зекирија Ибраими.

Зекирија Ибраими во процедуралната забелешка пееше на албански. За време на пеењето немаше превод од собранискиот преведувач и јас не бев запознат што се пее на албански. Тоа беше кратко негде околу дваесетина секунди и одма ја прекинав седницата, бидејќи беше 18,00 часот и закажав продолжение на седницата, за утредента на 28 април во 11,00 часот.

Докази за овие факти се стенографските белешки од 27 април, видеозаписот од 27 април 2017, како и предложените сведоци, а особено сведочење на Зеќирија Ибрахими.

Сведокот Зекирија Ибраими на главна расправа на 13 ноември 2020 го кажа следново цитирам:

„На прашање на адвокатот: Г-не Зекирија ни рековте дека сте биле и заменик координатор заедно со господинот Фадиљ и господинот Гаши. Дали може да ни појасните дали како заменик координатор имате право на процедурално јавување на говорница?

Сведокот одговори: Да, знам дека во Деловникот пишува дека координаторот, заменикот или пратеник што е одбран или од пратеничката група ако побараат процедурално веднаш му се дава збор.

На прашање на адвокатот: Дали на седницата продолжението одржано на 27.04.2017 година баравте процедурално и дали излеговте на говорница за процедурално обраќање, ваше лично?

Сведокот одговори: Ако мислите на крајот на седницата да, но јас дента сум имал и други обраќања од говорница, само за таквите не се сеќавам дали биле реплики, говори или процедурално. Ако мислите на крајот на седницата моето барање беше процедурално.

На прашање на адвокатот: Дали ви беше овозможено тоа?

Сведокот одговори: Да.

На прашање на адвокатот: Дали може да ни кажете што зборувавте во рамки на тоа процедурално на крајот на седницата?

Сведокот одговори: Тука ќе зборувам албански, знаете што се случило. Бидејќи сакам малку да зборувам за да го доловиме контекстот. На 26 април тогашниот претседател на движењето Беса, Билал Хасами даде едно интервју за 24 вести. Прашањето на новинарот било што мисли движењето БЕСА за државната химна. Бидејќи јас повеќето интервјуа му ги подготвував јас сум напишал да каже дека Албанците не се чувствуваат претставени во државната химна. А тој рече дека Албанците не се чувствуваат добро со државната химна или така слично, не ме фаќајте точно за збор, но јас линкот го имам и можам да ви го дадам. Неговата изјава беше причина на 27 април повеќе пратеници од ВМРО да обвинуваат кон СДСМ дека тие ќе соработувале со партија што не се чувствува добро со македонската химна. Бидејќи Билал Касами беше претседател на партија и не е многу достојно тој да полемизира, место него јас реплицирав со неколку пратеници од ВМРО сега не се сеќавам за појаснување дека ние немаме воопшто против државната химна, туку не се чувствуваме претставени во државната химна. Кон крајот на седницата јас тоа го почувствував како провокација од пратеникот Крсто Мукоски кој излезе на говорница и ја испеја македонската химна, јас тоа го читав како искушение дали ние ќе станеме и ќе ја почитуваме македонската химна. Бидејќи ние станавме секако и ја почитувавме македонската химна јас се јавив процедурално како протест кон тогашниот претседател на Собранието што дозволува на говорницата да се ставаат вакви искушенија или да се провоцираат пратениците Албанци во Собранието. Не се сеќавам точно на тоа што сум го рекол пред да ја испејам химната, но мислам дека било во контекст на тоа дека вие дозволувате од говорницата на Собранието на РМ да се провоцираат пратениците Албанци и дека ако на ваков начин преку химни ние ќе се бориме еве ви ја албанската химна па да видиме дали вие ќе ја почитувате. Со тоа јас сум завршил и мислам дека тоа беше крајот на седницата.

На прашање на адвокатот: Ни појаснивте поопширно за тоа што било вашето процедурално. Дали ова што ни го појаснивте беше ваша лична одлука или барање од било кој друг ?

Сведокот одговори: Тоа беше моја лична одлука.“

Исто така во доказна постапка докажав дека во тоа време на 27 април пратеник кога збори од говорница, претседавачот нема механизам за да го исклучи микрофонот. Кога пратеник збори од место има копче кај претседавачот каде што може да го исклучи микрофонот. Ова го потврди и сегашниов претседател на Собрание Талат Џафери на 08 октомври 2020 год., цитирам: „Немало можност ни до 27 април ни после 27 април од пултот да се исклучи пратеник кој говори од говорница.“

Докажав дека јас како претседавач стриктно сум го почитувал и сум се придружувал кон одредбите на Деловникот, кој го потврдија и сведоците Зоран Заев, Петар Атанасов, Африм Гаши, Никола Тодоров и други пратеници кои сведочеа.

Сведокот Петар Атанасов на 13 ноември 2020 год. го кажа следново цитирам:

„Се сеќавам дека релативно политички коректно ја водеше седницата.“

Сведокот Зоран Заев на 27 ноември 2020 год. и го кажа следново цитирам:

„На прашање на бранителот: Со оглед да долго време сте пратеник, премиер и сте присутни на седници на Собранието во било кое својство. Дали претседавачот Трајко Велјановски конститутивната седница 30.12.-27.04 ја водеше коректно согласно правилата на Собранието?

Сведокот одговори: Не можам согласно моето искуство да дадам забелешки на водењето на седницата во текот на денот на 27.04.2017 година, беше како секој нормален парламентарен ден во делот на дискусииите, пошто веќе тие ….и официјално се повтараа целите, на дискусијата со конечна цел да се заврши таа седница и да се премине на гласање тоа што беше поинакво тој ден беше давањето на збор на пратеници на крајот од говорница или нивно  неспречување надвор од Деловникот и според мене и законите, во конечниот момент на завршување на таа седница со неколку минути или би го нарекол половина час до самото завршување на таа седница.“

Од сево ова погореизнесено јасно е дека целосно побиен овој дел од обвинението и се утврди дека јас како претседавач максимално се трудев и почитувајќи го Деловникот на Собранието се залагав што побргу да заврши конститутивната седница и со ниту едно дејствие ама баш со ниту едно дејствие не сум го прекршил Деловникот за работа на Собранието.

—————————————————————————-

Во однос на делот од обвинението, цитирам: „Спротивно на член 78 ст. 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија не дозволил да се изврши измена или спојување на точките од дневниот ред на Седницата на барање на пратеникот Оливер Спасовски кого го поддржувале повеќе од 10 пратеници“.

Со факти и материјални и вербални докази докажав дека овој предлог е спротивен на Деловникот и е апсурден, затоа што како би било доколку на пример почитуван Судски совет на среде изведување на доказите некој да побара од Судечкиов совет да се прејде на завршни зборови, па после да се навратиме на изведување на докази, дали би го прифатиле тој предлог, и докажав дека таков предлог никогаш не бил употребен на тој начин како што се предлагаше.

Дека примената на чл.78 ст.2 како што предлагаше Оливер Спасовски е спротивно на Деловникот и никогаш не се применил кога има пријавено дискутанти по точката го потврдија голем број сведоци така како што предлагаше Оливер Спасовски односно кога има пријавено дискутанти по една точка да се прекине со неа и да се прејде на друга точка од истата седница.

Докажав дека прв пат на 6 април 2017 година на седницата на Собранието имаше предлог по член 78 став 2 од Деловникот, од страна на пратеникот Оливер Спасовски и тоа на сред расправа по третата точка да се премине со расправата на четвртата точка, иако имаше пријавено за збор по третата точка, а овој предлог е спротивно на чл. 80 став 2 од Деловникот во кој е стриктно наведено: Претресот трае сè додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор.

Докажав дека за да се смири тензичната атмосфера свикав координација на 6 април во 12,00 часот и на истата се постави и ова прашање кое е спротивно на чл. 80 став 2 од Деловникот, кое нешто на таа координација го укажаа и други претставници на политичките партии. По таа координација се продолжи со Конститутивната седница согласно со редоследот на пријавени пратеници за збор. Во текот на тој ден свикав повторно нова координација и тоа во 16,30 часот каде пратениците Илија Димовски и Оливер Спасовски се договорија да остварат контакт за да ги приближат нивните ставови, со цел побрзо да се заврши со третата точка од дневниот ред. Седницата продолжи на 10 април и пред почетокот на истата одржав координација за да видиме дали ги приближиле своите ставови. Тие ме известија дека имале средба, но не се договориле за понатамошниот тек на Конститутивната седница, како и откажување од пријавените за процедурални забелешки и намалување на бројот на реплики и контрареплики. За ова постојат материјални докази и тоа записници од кординативни средби од 6 и 10 април 2017 година, кои се потпишани од страна на сите претставници на политичките партии како и доказ предложените сведоци.

Сево ова го докажав со материјалните докази записниците од 06 и 10 април и стенографските белешки од 27 април и 31 мај 2020 год., кои се изведоа на главната расправа на 21 и 26 август 2020 год., а истото го потврдија и сведоците и тоа:

Сведокот Оливер Спасовски на 13 мај 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Можам да заклучам дека во време на вашите пратенички мандати од 2006 до 2017 година сте имале во пракса примена на оваа одредба од чл.78 ст.2 со гласање за таков предлог и отворена листа на говорници и реплики.

Сведокот одговори: Јас лично не.“

 

Сведокот Талат Џафери на 08 октомври 2020 год. и го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Пратеник сте од 2002 со мали прекини во извршната власт до ден-денес. Дали се сеќавате како пратеник во Вашата пратеничка кариера да одредена точка по која има пријавено дискутанти биде прекината и да се премине на наредната точка од истиот дневен ред без исцрпување на тие дискутанти?

Сведокот одговори: Не се случувало, не било побарано, ниту пред 27-ми, ниту по 27-ми.“

Сведокот Зоран Заев на 27 ноември 2020 год. и го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот:          Дали ваквиот начин на завршување на седницата со гласање само на парламентарното мнозинство како што кажавте во досегашната Ваша пракса како пратеник се случил претходно или по 27.04. такво гласање да има во Собранието?

Сведокот одговори: Такво исто гласање да има во Собранието како 27.04.2017 не се случило претходно и до ден денес исто така не се случило.“

Сведокот Иван Стоиљковиќ на 04 септември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот:          Со оглед да денеска вие имате најдолг пратенички стаж во судницата, дали во време на вашиот пратенички стаж сте присуствувале на седница на Собрание на која е прекинато расправање по одредена точка и преминување на наредна пред исцрпување на пријавени дискутанти?

Сведокот одговори: Колку се сеќавам Деловникот предвидува кога ќе се започне одредена точка на дневен ред да не се преминува на наредна може таа точка да биде запрена и да продолжи и таа седница не се прекинува сè додека не се исцрпат сите пратеници кои се јавиле за збор.“

 

 

Сведокот Илија Димовски на 10 септември 2020 год и го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Четиринаесет години сте пратеник, дали можете да ни ја појасните примената на одредбата од чл.78 ст.2 од Деловникот?“

Сведокот одговори: Да не злоупотребувам многу време, а знаејќи го контекстот за којшто и тогаш постоеше дилема, чл.78 ст.2 деловничка одредба, никогаш претходно и никогаш после тоа, вклучувајќи го и мандатот на Собранието со кое раководеше г-дин Талат Џафери не се употребува на таков начин, како што во моментот побара почитуваниот колега Спасовски. Нити според моето искуство може така да се употреби.“

Сведокот Антонио Милошоски на 06 ноември 2020 год. и го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Во воведот ни рековте дека сте пратеник активен од 2011 до ден денес. Дали може да ни кажете дали во тој период сте присуствувале на седница на Собрание на која расправа по одредена точка е прекината пред да биде завршена листата на пријавени и поминување на следна точка од истата седница?

Сведокот одговори: Да, Деловникот не дозволува прекин на одредена точка додека по истата не се исцрпи редоследот на пријавени дискутанти. Тоа е согласно чл. 80 од Деловникот на Собранието на РМ и откако сум јас пратеник без било каков прекин од таа позиција од 2013 година до денес не се случило, без разлика кој бил претседавач или претседател на Собранието да има прекин на одредена точка додека не се исцрпи целиот список на дискутанти кој сака.

Сведокот Никола Тодоров на 11 јануари 2010 год. и го кажа следново  цитирам:

„На прашање на бранителот:          Дали се сеќавате во ваше присуство да е прекратено расправање на некоја точка од дневен ред и продолжување со наредна од истиот дневен ред без да биде исцрпен бројот на пријавени дискутанти по одредена точка?

Сведокот одговори: Не, тоа не се случило додека има дискутанти трае седницата, а може ако се исцрпат сите дискутанти, ако говореле сите дискутанти потоа да се закаже друг ден гласање по таа точка, но не пред да се исцрпат говорниците.

На прашање на бранителот: Дали може со барање од 10 пратеници како што претставува и деловникот со барање од 10 пратеници да се прекрати дискусија без исцрпување на дискутанти?

Сведокот одговори: Не, ви одговорив на тоа прашање не може да се прекине пред да се исцрпи бројот на говорници.“

Како и голем број на други сведоци кои се долгогодишни пратеници и тоа на главна расправа на 04 септември 2020 пратениците како сведоци Никола Мицевски, Драган Данев, Крсто Јовановски, Трајчо Димков, Благица Ласовска, Магдалена Манаскова, Иван Иванов, на главна расправа на 10 септември 2020 год. Зоран Илиоски, Љиљана Кузмановска, Слаѓана Митовска, Весна Пемова, Благоја Деспотовски, на главна расправа на 18 септември Стојан Миланов, Борис Змејковски, Нада Ципушева, Драган Цуклев, Павлинче Честојнова, на главна расправа на 06 ноември 2020, Љиљана Затуроска, на главна расправа на 13 ноември 2020 год., Влатко Ѓорчев, Ане Лашкоска, Дафина Стојановска, на главна расправа на 16 ноември 2020 год. Љупчо Димовски, кои истакнаа дека никогаш не се применил чл.78 ст.2. на тој начин како што предложи пратеникот Оливер Спасовски односно во текот на расправа по точката од дневниот ред кога уште има пријавено пратеници за збор и тоа не само во тој парламентарен мандат туку ни во претходните парламентарни мандати а ниту после тоа.

Во однос на измената на делот на обвинителниот акт со додавање на зборот „или спојување“ би го истакнал следново: од неукост или непознавање на собраниската процедура се прави вакво додавање на зборот спојување на точките од дневниот ред. Спојување на тие две точки; избор на Комисија за избор и именувања со точката избор на Претседател на Собранието во никој случај не може да се направи поради следново; прво, треба да се знае дека првин треба да се избери Комисијата којашто има деловничка обврска да предложи кандидат за претседател на Собранието, па како тогаш ќе се спојат овие точки, второ, веќе имаше поголем број од пријавени пратеници кои го искористија своето право на збор по точката за избор на Комисијата за избор и именувања, па како тогаш тие пратеници ќе го искористат правото на збор и по точка за избор на претседател на Собранието, со ова се докажува целата нелогичност и непознавање на собраниската деловничка процедура.

Од сето ова може јасно да се заклучи дека одредбата од Деловникот е јасна и за жал обвинителството погрешно го толкува Деловникот, а во однос на наводот на обвинителството во завршниот збор за дополната што е направена на чл.78 ст.2 во 2010 година може да укажам дека оваа одредба постоела откако постои Деловник во Собранието а во 2010 година е додадено следново цитирам:  “Образложението за предлогот е во траење од три минути“

 

Овој дел од обвинението е целосно побиен со изведените материјални и вербални докази со кој се утврди а тоа го потврдија и сведоци пратеници од сите партии дека тој начин како што предлагаше пратеникот Оливер Спасовски никогаш не бил применет и пред и после 27 април, а право на претседателот на Собранието согласно со чл.60 од Деловникот е да го примени Деловникот согласно со одредбите и долгогодишната пракса, тоа е еден вид имунитет при одлучување на примена на процесна одредба, како што имаат и обвинителите и судиите. Доколку се прифати овој дел од обвинението, тогаш сите претходни, сегашни и идни претседатели на Собранието треба кривично да одговараат.

 

—————————————————————

Во однос на делот од обвинението цитирам: „Во 14,54,17 часот обвинетиот Трајко Вељаноски испратил порака до обвинетиот Никола Груевски сега недостапен на органите на прогон со содржина „да ве информирам дека Заев имаше прес во Собрание и процедурално на седница и најави дека мнозинството ќе го избере претседател на Собрание. Местото може да е во сала во Собрание, во ходник, на скала, во МАНУ, на Правен Факултет….“

би сакал да го кажам следново дека во доказната постапка го докажав фактот дека некаде околу 13,00 часот пратеникот Зоран Заев на седницата зема процедурално и кажа цитирам: „Ќе се носи одлука во оваа сала, ќе се носи одлука во некоја од другите сали на Собранието, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правниот факултет, во МАНУ“.

Сево ова се потврди од стенографските белешки од 27 април, кој е изведен како материјален доказ на главната расправа на ден 26 август 2020 год., како и од сведочењето на Зоран Заев на 27 ноември 2020 год. кога кажа цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали во текот на таа седница земавте учество со збор, процедура или слично?

Сведокот одговори: Да, мислам дека дискутирав.“

Докажав дека после 14,00 часот за време на паузата пратеникот Зоран Заев одржа прес-конференција во прес-салата на Собранието и истото јавно го повтори на прес-конференција. Тоа што го кажа Зоран Заев јавно на пресот, со порака ме извести вработената во кабинетот Сања Угриновска Спасеновска, за што сакам да напоменам дека таа порака се експлоатира без последните неколку збора а тие се: „Вечерва имаат централен одбор и мислам дека утре ќе се обидат да го направат изборот“, со што јасно се кажува дека на 27 април не се очекуваше да се случи избор на ПСРМ и сите немили настани што следеа.

Сево ова се потврди од сведочењето на Зоран Заев и сведочењето на Сања Угриновска Спасеновска, која кажа дека била надлежна за односи со јавноста и за известување од прес-конференциите и дека ми испратила порака од пресот на Зоран Заев и тоа била вообичаена комуникација за сите прес-конференции.

Сведокот Зоран Заев на 27 ноември 2020 год. го кажа следново цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали  тој ден во рамки на Собранието одржавте некаква прес-конференција?

Сведокот одговори: Да, тој ден одржав прес-конференција во салата за прес-конференции на Собранието.

На прашање на бранителот: Дали таа Ваша прес-конференција беше јавно објавена, дали знаете?

Сведокот одговори: Да.

На прашање на бранителот: Дали таа објава ја имаше на интернет портали? Сведокот одговори: Да.“

Сведокот Сања Угриновска Спасеновска на 02 декември 2020 год. го кажа следново, цитирам:

„На прашање на бранителот: Додека бевте на работа на 27.04.2017 година, дали имавте комуникации со г-дин Трајко Велјановски  и  ако имавте на кој начин беа остварени тие комуникации?

Сведокот одговори: Да, имавме една вообичаена комуникација како и секој друг работен ден, начинот на кој што комунициравме вообичаено зависи од околностите во моментот во смисла или тоа било во просториите на кабинетот, или телефонско јавување доколку претседателот бил отсутен, или било со порака доколку претседателот е тука или надвор и не е во можност да одговори на телефонски повик, значи според околностите сме се прилагодувале и тоа било на тие начини, значи телефонски јавувања, пораки, физички во просториите на кабинетот и да, тој ден имавме вообичаена комуникација.

На прашање на бранителот: Дали се сеќавате дали на 27-ми април сте комуницирале и со пораки?

Сведокот одговори: Да.

На прашање на бранителот: Дали можеби се сеќавате на содржината на таа комуникација?

Сведокот одговори: Видете јас  како што напоменав на самиот почеток бев искрено задолжена за контакт со медиумите, се контактираше за редовната работа дека претседателот добил известувања редовни тековни за одржаните прес-конференции на пратеничките групи во прес-центарот во салата во Собранието, бидејќи најчесто веднаш после завршувањето на прес -конференцијата на претставници од некоја од пратеничките групи, новинарите бараа став во однос на прашањето што е предмет нели тематско на прес-конференција бараат став од претседателот, во однос на тоа исто така, тие прашања, теми кои се отвараат на прес-конференциите се однесуваат директно на работата на Собранието. Од тие причини претседателот бил и тековно информиран за одржаните прес-конференции и што е кажано на прес-конференцијата. Тој ден јас му испратив на претседателот на Собранието како и вообичаено  што сме правеле и претходно, известување од одржана прес-конференција во прес-центарот на Собранието, прес-коференција на којашто се одржа присуство на сите медиуми и ја слушна целата македонска јавност. Таа прес-конференција беше на претседателот на СДСМ Зоран Заев и пораката беше еден краток сублимат на тоа што беше изнесено на прес-конференцијата и тоа беше една вообичаена комуникација, бидејќи пак ќе повторам тоа било моја работна задача и тоа било начин на кој сме комуницирале и претходно и за сите други прес–конференции, настани во прес-центарот на Собранието.“

Во текот на доказната постапка докажав дека пораката што ја добив од вработената во Собрание Сања Угриновска Спасеновска само ја препратив ни додадов ни одземав до Никола Груевски, информативно односно нешто што целата јавност го знаеше од самиот прес и тоа го имаше по сите портали и медиуми.

Од сето погореизнесено може да се заклучи дека овој дел од обвинението е паушално и произволно без никаква цел затоа што не гледам што е инкриминирачки во ова, што целата јавност го виде и слушна она што се кажа од Зоран Заев на пленарна седница и на прес-конференција.

—————————————————————————–

 

Во текот на седницата ме известија од службата дека има писмо односно барање потпишано од 31 пратеник од СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците, со кое бараат продолжението на конститутивната седница да биде закажано за 28 април 2017 година (петок), со почеток во 11,00 часот. Дописот е заведен во архивата на Собранието со арх. бр. 08-1079/1 од 27.04.2017 година.

Дописот-барањето е изведен како материјален доказ на 26 август 2020 год. на главна расправа, а истото го потврди сведокот Сања Угриновска Спасеновска на 02 декември 2020 год. и го кажа следново цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали како шеф на кабинетот на претседателот или претседавач тогаш Трајко Велјановски запознаени со доставените дописи до претседателот на Собранието?

Сведокот одговори: Да, значи секој допис што се доставува до претседателот на Собранието се доставува до архивата на Собранието, истиот се архивира и …. се доставува до кабинетот на претседателот, доколку е претседателот во кабинет нема некоја обврска да речеме ….  т.н. странка истиот се доставува веднаш. Доколку претседателот на пример на пленарна седница во тој случај доколку дописот, барање е преургентен или се однесува на текот на самата пленарна седница, истиот допис се доставува до претседателот во салата на пленарната седница преку службите на Собранието, така што и тој ден се постапило на вообичаен начин како што сме постапувале. Тој ден имаше барање од пратеници, група на пратеници пленарната седница да продолжи следниот ден, следниот ден беше петок, петок не секогаш има седници, затоа што петок е определен како ден за … со граѓаните, од тие причини имаше барање од група пратеници седницата да продолжи следниот ден, истото барање преку службата беше доставено до претседателот во сала за пленарни седници.“

Дека потпишале допис-барање за продолжението на конститутивната седница да биде закажано за 28 април 2017 година (петок), со почеток во 11,00 часот го потврдија и голем број сведоци и тоа на главна расправа на 13 ноември пратениците како сведоци Теута Биљали од БЕСА, Реџаил Исмаили од ДУИ, Зекирија Ибраими од БЕСА, на 16 ноември пратениците како сведоци Петар Атанасов од СДСМ, Фадил Зендели од БЕСА, Алија Камберовски од ПЕИ, на 23 ноември пратениците како сведоци Татјана Прентовиќ од СДСМ, Коста Јаневски од СДСМ, Јулија Николова од ЛДП и Диме Велковски од СДСМ, сите овие сведоци го потврдија својот потпис на дописот.

Согласно со чл. 36 од Законот за Собранието е одредено дека петок се определува како ден за контакти на пратениците со граѓаните и избирачите во изборните единици, па водејќи сметка за оваа одредба од Законот за Собрание, 31 пратеник го потпишаа тој допис-барање за да продолжи седницата и на 28 април (петок) кое нешто беше на кординација договорено и удоволено на барањето.

Ова даваше повод дека ќе има редовен тек седницата на 27 април и дека ќе продолжи утредента на 28 април.

Во однос на делот од обвинението цитирам: „Во 16,04,14 часот обвинетиот Никола Груевски, сега недостапен на органите на прогон, му испратил порака на обвинетиот Трајко Вељаноски со содржина “од Панче Кралев  од ДУИ информација од човек што дојде од состанок со Талат, денес за попладне после 17,00 часот се спрема избор на Талат за претседател по иницијатива на СДСМ“.

Некаде околу 16,00 часот добив препратена порака од Никола Груевски, за време на текот на седницата.

Би сакал да кажам дека оваа порака за мене немаше никакво значење бидејќи:

Прво, имаше пријавено голем број пратеници за збор, реплики и контра-реплики на мониторот.

Второ, веќе го имав добиено дописот односно барањето потпишано од 31 пратеник за продолжување на конститутивната седница за наредниот ден на 28 април.

Сето тоа наведуваше на несериозноста на препратената порака. Седницата си продолжи со редовниот тек.

Би сакал да го истакнам и моментот за договор да продолжи седницата утредента односно на 28 април 2017 год. кои сите погореистакнати пораки во обвинението ги правеше несериозни и безначајни, а тоа е следново: Некаде околу 17 часот и 10 минути дадов кратка пауза од 5 минути и ги повикав претставниците на политичките партии на кратка координација во сала на Влада. На таа кратка координација дојдоа пратениците Оливер Спасовски од СДСМ, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, Ејуп Алими од ДУИ, Зекирија Ибраими од БЕСА, Весел Мемеди од Алијанса за Албанците. На таа пауза побарав заеднички да одлучиме да ја продолжиме седницата за наредниот ден согласно со дописот односно барањето потпишано од 31 пратеник. Заеднички сите одлучивме седницата којашто ќе трае до 18,00 часот да продолжи наредниот ден, согласно со барањето од 31 пратеник.

Овој договор во сведочењето го потврди и сведокот предложен од Обвинителството Весел Мемеди на главна расправа на 15 мај 2020 год. при испитувањето од Обвинителство, цитирам:

„Бидејќи јас неофицијално бев како координатор на Коалицијата Алијанса за Албанците, бев повикан од страна на претседавачот Трајко Велјановски во соседната сала мислам дека беше на „владата“ за да се координираме за утрешниот ден дали ќе имаме седница или не. Знам дека беше Оливер заедно со мене, во салата бевме повикани сите неофицијални координатори, јас бев, Оливер, Илија Димовски, Ејуп Алими и не можам да се сетам дали беше некој од движењето Беса или не, се задржавме околу 10 минути за да видиме дали ќе работиме утредента и се согласивме дека ќе работиме и утредента во петок.

На прашање на адвокат Еленко Миланов: Зборувавте за координација или краток состанок на координатори меѓу кои и вие присуствувавте во сала на Влада во Собрание и зборувавте за евентуално продлолжување на седницата. Тоа значи дека направивте договор таа седница да продолжи и наредниот ден, така ли е?

Сведокот одговори: Да кажав и прееска дека и во тој состанок во сала на владата се договоривме да продолжиме со седницата и утрешниот ден, значи петок.“

Истиот договор го потврди и сведокот Илија Димовски на главна расправа на ден 10 септември 2020 год., цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали може да ни појасните што, дали видовте нешто и што ви беше презентирано на последната координација?

Сведокот одговори: Дента сè наликуваше дека тој ден ќе биде ист како неколкуте претходни денови. И дека ќе заврши во рамки како завршија претходните денови, посебно после еден допис од колегите пратеници од СДСМ повеќе на број не памтам колку точно, но повеќе, со којшто побараа дента седницата да биде завршена и да биде продолжението утредента на 28-ми.Тогаш бевме повикани на една координација–средба, не беше во кабинетот на претседавачот, мислам беше во некоја од помалите сали дали Охридска, дали Сала на Влада, ни беше предочен дописот, беше потврден од претставникот на СДСМ и со тоа заврши практично и координацијата со впечаток заеднички заклучок дека дента ќе заврши седницата во 18 часот, како и претходните денови и следниот ден ќе продолжиме со работа и со обид да изнајдеме излез од таквата ситуација.“

Истото го потврди и сведокот Зекирија Ибраими на главна расправа на ден 13 ноември 2020 год., цитирам:

„На прашање на бранителот: Дали може да ни кажете што се сеќавате од таа координација на која бевте присутни?

Сведокот одговори: Поради тоа што Собранието не работеше во деновите петок, не се одржуваа тогаш пратеничката Радмила Шеќеринска собираше потписи од пратениците за да се одржи средба и во ден петок. По 5 часот доколку не грешам претседателот на Собранието ја прекина средбата и ги покани пратениците на координативна средба. Таму бев јас бидејќи не можеше да присуствува координаторот Африм Гаши и таму се одлучи дека треба да има пленарна седница и во петок.“

Дека е договорено седницата да продолжи следниот ден на 28 април 2017 година (петок), со почеток во 11,00 часот го потврдија и голем број сведоци и тоа на главна расправа на 04 септември 2020 пратениците како сведоци Трајчо Димков, Благица Ласовска, Магдалена Манаскова, Иван Иванов, на 10 септември 2020 год. Слаѓана Митовска, на 18 септември Стојан Миланов, Павлинче Честојнова, на 06 ноември 2020 Антонио Милошоски, Љиљана Затуроска, на 13 ноември 2020 год. Теута Биљани, Влатко Ѓорчев, Ане Лашкоска кои истакнаа дека биле информирани за продолжување на седницата на 28 април согласно со барањето потпишано од 31 пратеник и согласно со постигнатиот договор на кординација, а во 18,00 часот по прекин на седницата слушнале дека претседавачот закажал продолжување на седницата за утредента односно 28 април во 11,00 часот.

Овој дел од обвинението е исто така произволно и паушално, затоа што дејствијата (барањето од 31 пратеник, договор помеѓу кординаторите седницата да продолжи на 28 април, голем број пријавени пратеници за збор) кои се случија  по прием на оваа порака даваа до сознание дека на тој ден нема да се врши избор на ПСРМ и затоа оваа порака немаше никакво значение.

(Продолжува утре)