Патарини на автопатите се плаќаат за да имаме модерни патишта, да можеме да ги одржуваме, при зимски услови да ги исчистиме од снежни наноси и почесто да ги реконструираме, за да бидат во добра кондиција, порача денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Власта се фали со 1.000 км изградени патишта низ Македонија, го вози вториот мандат, а нема изградено ниту еден километар автопат. Чочекот кај Демир Капија за автопатот што го изгради поранешната власт на премиерот Никола Груевски е подзаборавен, а заборавена е изградбата на автопатот од Кичево кон Охрид. Но, власта знае дека е корисно да се плаќа патарина.
– Токму поради наплатата на патарините и токму поради тоа што развојот на инфраструктурата во државата ни е еден од клучните приоритети веќе работиме на целосна реконструкција и проширување на автопатот Тетово – Гостивар. Се работи на проектирање на новата траса Тетово – Гостивар која што ќе биде траса за едниот правец, а постојната ќе остане за другиот правец. Владата има во план целосна реконструкција на овој автопат којшто ќе биде и покомотен и побезбеден, рече Бочварски во одговор на прашање при денешниот увид во реконструкцијата на улицата „Гоце Делчев“ во Тетово.
Заради тоа, додаде тој, важно е да се плаќаат патарините заради тоа што во овие четири години реконструиравме, рехабилитиравме и изградивме преку илјада километри патишта во државата.
– Кога ќе се реконструира тој автопат постојното решение ќе биде целосно во едниот правец од Тетово кон Гостивар, а другата траса која што ќе биде изместена, нема да биде паралелно со овој пат, ќе биде од Гостивар кон Тетово. Секако дека и тогаш ќе се плаќаат патарини заради тоа што по Законот за јавни патишта во државата на сите автопати се плаќа патарина по такса која што е утврдена со закон. Тоа е исклучиво само заради аспектот да имаме модерни патишта, да можеме да ги одржуваме, да можеме при зимски услови да ги исчистиме од снежни наноси и почесто да ги реконструираме за да бидат во добра кондиција заради тоа што патиштата се лицето на државата и за нашите граѓани и за оние коишто влегуваат и транзитираат низ РС Македонија, потенцира Бочварски.
Бочварски со Теута Арифи: Улицата „Гоце Делчев“ е пример за успешна соработка
Министерот Бочварски денеска заедно со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи извршија увид во работите на реконструкцијата на улицата „Гоце Делчев“. Реконструкцијата на улицата се врши во соработка на двете институции и средства од Светска банка преку проектот „Поврзување со локални патишта“.
-Неодамна ветивме дека ќе се работи на две улици во градот, сега сме повторно овде да го одржиме ветувањето. Општина Тетово преку проектот има на располагање преку еден милион евра за реконструкции на нивни улици. Очекувам наскоро завршување на градежните работи со што ќе добиеме целосно нов лик во овој дел од градот. Драго ми е што општината работи на подземната инфраструктура и инсталации од клучно значење е за подобрување на животот на граѓаните и подобар развој на општината, истакна министерот Бочварски.
Бидејќи се работи на реконструкција на само половина од улицата „Гоце Делчев“ градоначалничката Теута Арифи најави дека за останатиот дел со калдрма со општински пари ќе се работи на уредувањето.
–Планираме со друга општинска програма да работиме, не сакавме да го смениме стариот лик на градот. Пред стара библиотека ќе има преуредување на калдрмата. Посензитивна работа е калдрмата, има помлаку компании кои тоа го работат, рече градоначалничката Теута Арифи.
Од средствата на Светска Банка за улица „Гоце Делчев“ има над 15 милиони денари и шест милиони денари за „Ѓоце Стојчевски“. Градоначалничката најави дека со преостантите средства ќе се работи на уште две други улици.