Јованка КЕПЕСКА

Во актуелната реформа на образованието во Македонија, иако декларативно се заложува, токму изостануваат основните премиси на филозофскиот приод образованието за да се насочи на одговорност на сегашноста за иднината. Оттаму и недалекусежноста во остварувањето на целите на реформата. Изостанува, имено, дека критичноста на сегашноста го опфаќа чувањето на постигнатото за да биде унапредено. Нешто што не може да биде сфатено како поминато. И од своја страна таквиот однос кон минатото во сегашноста потполно ни го објаснува негаторскиот однос кон историјата и историските науки што ни се случи со ваквата реформа на образованието.

Суштински, со реформирањето на образованието би требало да се имплементираат современите филозофски премиси за спојување, како се вели, на мислењето со стварноста.  Но при реформата на образованието во Македонија сфаќањето на суштината на оваа идеја е крајно ограничено. Филозофската основа станува не сфатена за да биде успешно изведена реформата. Оттаму реформата се сведува на збројување на содржини од историските, општествените и од природните науки. Би рекле се сведува на калемење на содржини од науките. Несфаќањето, би рекле негирањето, на методот на критичност под што се подразбира чување на постигнатото кое, ослободено од ограничувањата, се подигнува на повисок степен, афтоматски го ништи прифаќањето на историското. Иако и при големата поделба на науките, како и продолжително, историските науки не се вклопени во општествените науки.

За реализацијата на спојувањето на мислењето со стварноста нужна е примената на двата метода што се експлицирани кај хрватскиот филозоф, и еден од најзначајните мислители на денешницата, В. Сутлиќ. Едниот метод е критички и подразбира почитување на постигнатото, кое треба да се ослободи од стегите (формата) за да се  збогати во содржината. Другиот метод се однесува на сфаќањето на односот на минатото-сегашноста-иднината. При што минатото не е нешто поминато туку дека во сегашноста се разрешуваат и минатото и иднината. И со оглед на што и минатото ја претпоставува иднината.

Мислечкото определување на М.Хајдегер за „веста“ e појдовно. Веста ги спојува објектот и субјектот во целосна појава. Што значи дека во пројавата (во веста) мислењето е составен дел. И е конкретно, со оглед на сé од пројавеното.

Овој концепт претставува критика на широко застапениот историски материјализам како мислење за историјата кое произлегува од поделеноста на субјектот од објектот.

Впрочем како што и за големиот претходник на М. Хајдегер, Ф. В. Хегел, историјата е целина ги опфаќа човекот, општеството и природата.

На хрватскиот јазик тоа е сфаќањето за „повијесното“ мислење. Во македонскиот јазик нема соответен збор за ваквото мислење и мора описно да се објасни.

И оттаму ако во реформата на образованието кај нас се поставуваат целите да се оствари слободата на мислењето како и критичкиот однос, од решенијата при имплементацијата нејасно е што се подразбира за нив затоа што изостанува сфатениот филозофски приод и реформата останува условна.

Останува отворено и прашањето колку и самата стварност стреми кон остварување на целите. Се чини дека спојувањето на мислењето со стварноста е сеуште невозможно. Сеуште има подвоеност, сепарација и идеологизација. Науките се издвоени, сведени на егзактност, без теорија.

По периодот кога филозофијата ги собирала сите знаења во капитализмот настанува големата поделба на науките: општествено-историско-хуманистичките, од една,  и, од друга страна, природните науки а, во последно време, и техничко-технолошките науки. Со поделбата на трудот продолжува поделбата на науките како и на научните институции.

Капитализмот си го створил своето со разглобувањето на целото и како да се чини дека никогаш нема да биде остварено. Иако, еве, денес, има настојувања да се оствари целовитоста. Најмногу во реформирањето на образованието во рамките на Европската унија со оглед на реализација на современите филозофски премиси притоа се случува во Финска. Се определуваат цели на образованието и во Хрватска, Србија, Црна Гора и други.

Знаењето стекнато во рамките на одделните науки секако останува и тоа и при реализацијата на конкретното мислење апсолутно се опфаќа иако и уште долго ќе живееме со поделеноста на науките.