Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ му возврати на претседателот Пендаровски по неговата изјава дека хеликоптеритена Армијата немаат техничка можност да летаат ноќе:
– При распишан тендер за сервисирање на авионите за гаснење на пожари, некој не дозволил да се склучи договор за сервисирање. Скапо ли му било или нешто друго е во прашање? Претседателе на “нашата земја”, проверете си дали некој требало да земе провизија и колку? Зошто е избркана странската фирма за сервисирање?
Чекајте нека изгори цела Македонија, па после ќе се дообјаснуваме…, напиша Ковачки.
Хеликоптери на АРМ сепак летаат ноќно време
Иако претседателот Пендаровски рече дека хеликоптерите на Армијата немаат техничка можност да летаат во ноќни услови, сепак скопјани кои живеат на Водно, во јуни минатата година се жалеа дека во текот на ноќните часови слушале звук од хеликоптери. Дел од нив биле вознемирени, исто како и нивните домашни миленици, а дел од нив се прашуваа чии хеликоптери и зошто имале потреба да летаат во доцните ноќни часови, и дали можеби нешто вонредно се случило.
Но, од Генералштабот на Армијата тогаш за порталот Фактор ги расчистија сите дилеми. Граѓаните да не стравуваат, станува збор за обука за ноќно летање, која е неопходна за пилотите на Армијата. Значи, нема ништо невообичаено, туку само исполнување на неопходните часови за обука за ноќно летање на армиските пилоти.
„Станува збор за редовни активности за обука за ноќно летање. Тоа се случуваше во текот на две ноќи, односно во средата и четвртокот во ноќните часови. За денеска, односно во текот на претстојната ноќ, не се планирани такви обуки. Но, тие активности завршуваа некаде до 23 часот“, изјавија за Фактор од Генералштабот на АРМ.
Овие обуки се редовни и предвидени, и се случувале и досега, иако, како што објаснуваат од АРМ, ноќните летања се поретки и се организираат по неколку пати годишно, објаснија тогаш од АРМ.