Со контролиран контрапожар го сопревме ширењето на пожарот во Будинарци, изјави денеска Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Тој рече таму е ангажирана многу голема противпожарна сила од повеќе од 500 лица, од кои 136 се пожарникари од Австрија со 52 возила, 45 пожарникари од Словенија со четири возила, 25 бугарски пожарникари со пет возила, над 130 припадници на МВР, АРМ, ДЗС и од Македонски шуми, како и повеќе од стотина жители од локалното население.
Ангелов рече дека пожарите ги гаси државата и дека ЦУК е благодарен за големата помош на населението.
– Без силите на државата пожарите не е можно да се изгасат. И без помошта од странските сили, на кои сме им многу благодарни. Австријците не дојдоа како туристи, Бугарите не одеа на пикник во Дојран па застанале тука. И српските хеликоптери и романските авиони дојдоа да помогнат на барање на Главниот штаб, значи на повик на државата, рече Ангелов.
Тој информира дека романскиот авион Спартан околу 11 часот почнува со гасење на пожарот кај Буковиќ, во општина Сарај, и дека фрлањето на водените бомби ќе може да се види од автопатот кај Ласкарци.
Ангелов нагласи дека копнените противпожарни сили во овој дел се повлекуваат бидејќи авионот ќе фрла масивни бомби со вода, што може да биде опасно доколку некој се најде на тој терен и повика луѓе да не се движат во регионот блиску до огнот.
На денешната прес-конференција беше кажано дека хеликоптер на АРМ дејствува кај Будинарци, а дека романскиот авион по интрвенцијата кај Буковиќ, ќе замине да го гаси пожарот во Прилепско, кај Топлица.