Албанскиот премиер Еди Рама за првпат реагираше давајќи одговор на сите оние кои го критикуваа за иницијативата „Отворен Балкан“ и неговата „диференцијација“ од Косово.
-Отворен Балкан не е само пат на иднината за просперитет на албанската, како европска нација, која својата припадност ја има во обединета Европа, туку е и нова и поголема можност на патот кон признавањето на Косово од страна на Србија, напиша Рама на Фејсбук.
Тој додава дека што се однесува до еден од многуте примери за големата придобивка од „Отворен Балкан“ е што тој конечно ја отстранува границата меѓу Албанија и Косово.
-Кој не сака да разбере „Отворен Балкан“ конечно ја отстранува границата помеѓу Албанија и Косово. Дозволете ми да ви кажам, зошто до денес не успеаја да ја отстранат, оние кои бучно ветуваа и зошто не можам да ја отстранам таа граница без „Отворен Балкан“, што целосно го поддржаа стратешките сојузници на Косово и Албанија, посочува Рама.
Според него оние што во него пронашле предавник, грешат затоа што тој е истиот оној што гласно зборувал среде Белград за признавањето на Косово.
-На сите оние во Косово кои го најдоа предавникот во мене им порачувам дека пред сè јас сум тој што среде Белград гласно зборуваше за признавањето на Косово од страна на Србија и доколку сите тие го бранеа признавањето на Косово, барем како што јас го бранам, насекаде и секогаш, денес Косово би било многу повеќе меѓународно почитувано, наведува тој.
Подолгата објава, на која постира фотографија на која се албнското и косовското знаме, ја завршува со зборовите „Времето ќе зборува повеќе и подобро“.