Делта варијантата на корона вирусот ги урна сите шанси за постигнување колективен имунитет. Тоа е заклучокот од панел дискусијата на експерти во која бил вклучен и шефот на тимот за развој „Оксфордска вакцина“, од што произлезе производството на АстраЗенека. Покрај тоа, експертите повикале на прекин на масовното тестирање за да може Велика Британија да почне да живее со Ковид, пренесува британски Телеграф.
Истражувачите заклучија пред британскиот парламентарен комитет дека е дојдено време да се прифати фактот дека не постои метод за запирање на ширењето на вирусот низ населението и дека тука не помага ни следењето на луѓето со благи симптоми.
Професорот Ендрју Полард, кој го предводеше тимот за вакцини од Оксфорд, рекол дека е јасно дека Делта варијантата може да ги инфицира и вакцинираните луѓе, што доведува до тоа дека е невозможно да се постигне колективен имунитет, дури и со висока покриеност со вакцинацијата.
За разлика од ова, кај нас Министерството за здравство и Филипче се уште оперираат со терминот „колективен имунитет“, иако тој подразбира таков степен на покриеност на населението со имунитет (природен или вештачки) што ќе овозможи синџирот на пренесување на вирусот да се прекине. Ако ширењето на вирусот не се прекинува, дури и при 100 отсто вакцинираност, како што е случај со Делта варијантата, па е прашање на време, можеби и на случајност, кога таа варијанта ќе мутира во посмртоносна, тогаш залажувањето на народот со колективен имунитет е само обична манипулација.
Оваа изјава на експертите доаѓа откако Ангела Меркел беше првата во Европа која објави крај на бесплатното тестирање во Германија од 11 октомври за да ги охрабри граѓаните да се вакцинираат.
Во вторникот, британското Министерство за здравство потврди дека повеќе од три четвртини од возрасните на островот ги примиле двете дози на вакцината (сите податоци за В. Британија кои доаѓаат до други извори надвор од земјата зборуваат за 58 отстотна целосна вакцинација) и пресметале дека вакцинацијата спречила 60.000 смртни случаи и 66.900 хоспитализации. Но, експертите веруваат дека ништо нема да го спречи ширењето на вирусот.
– Секој што се уште не е вакциниран, ќе се сретне со вирусот во одреден момент. Нема ништо што ќе го спречи преносот на вирусот, затоа мислам дека сме во ситуација кога е невозможно да се постигне колективен имунитет и мислам дека ќе се појави нова варијанта на вирусот од која вакцинираните луѓе ќе можат да се инфицираат уште повеќе лесно, рекол Полард.
Како што веќе обајвивме на страниците на Денешен.мк, сличен став се разви и во САД, поради што Антони Фаучи и директорката на тамошниот Центар за здравје, Рошел Валенскаја, инсистираат вакцинираните да носат маски на затворен јавен простор.
До неодамна, многумина се надеваа дека зголемувањето на бројот на вакцинирани во Британија ќе создаде еден вид прстен за имунитет што ќе го заштити населението. Уште минатата недела, владиниот комитет за вакцинација и имунизација рече дека една од причините што предложиле вакцинирање на 16-годишници и 17-годишници е да се спречи зимски бран на ковид.
Сепак, анализата на Англискиот институт за јавно здравје (PHE) покажала дека кога вакцинираните луѓе се заразуваат, тие можат да бидат исто толку заразни како и невакцинираните луѓе.
„Концептот на колективен имунитет е неостварлив затоа што знаеме дека инфекцијата ќе се прошири на невакцинирани популации, а неодамнешните податоци сугерираат дека две дози од вакцината најверојатно ќе заштитат само 50 проценти од преносот“, истакнал Пол Хантер, професор по медицина во Универзитетот во Источна Англија и експерт за заразни болести.
Професорот Хантер, кој ја советува Светската здравствена организација за Ковид, исто така рекол дека е време да се промени начинот на собирање и снимање на податоците.
– Треба да престанеме да известуваме само за бројот на „случаи“ или да пријавуваме само позитивни случаи примени во болниците и да започнеме да го пријавуваме бројот на луѓе кои се навистина болни поради ковид. Во спротивно, ќе бидеме заплашени од големиот број случаи кои всушност не развиваат болест, рекол тој.
Саџид Џавид, британскиот министер за здравство, во вторникот потврдил дека Британците ќе започнат да се вакцинираат со третата доза следниот месец. Сепак, професорот Полард истакнал дека, доколку не престане масовното тестирање, Велика Британија може да се најде во ситуација кога постојано ќе треба повторно да го инокулира населението.
„Мислам дека ако продолжиме постојано со тестирање на возрасната популација, ќе завршиме во ситуација кога постојано инокулираме граѓани со цел да решиме нешто што е невозможно да се управува“, рекол тој.
– Треба да преминеме на клинички водено тестирање во кое луѓето доброволно се тестираат, третираат и следат, наместо ова масовно тестирање на популацијата. Ако некој не се чувствува добро, треба да се тестира, но што се однесува до неговите контакти, во случај да е добро, децата треба, на пример, да можат да продолжат да одат на училиште и да се образуваат, додал тој.
Д-р Руши Синха, педијатар во Imperial College Healthcare NHS Trust, им рекла на пратениците дека невакцинирањето на децата најверојатно нема да предизвика проблеми во здравствениот систем, што би значело дека нема потребна од сеопфатна вакцинација на младите.
„Она што е важно е потенцијалната пренатрупаност на болниците, и тоа не се случи со Делта варијантата“, рекла Синха.
Таа смета дека вакцинирањето кај младите треба да се насочи кон децата кои имаат здравствени проблеми или предиспозиции корона вирусот кај нив да развие потешка клиничка слика. За другите деца, Ковид не епроблем.
– Децата кои имаат коморбидитети, кои се дебели или имаат сериозни невролошки проблеми, најчесто завршуваат во болниците, а таквите деца веќе се сметаат за кандидати за вакцинација. Самиот „Ковид“ за педијатријата не е проблем, рекла таа.