Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 322 возачи.
– Од нив, 29 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 143 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 179 надвор од населено место, информираат од МВР.
Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови.
На територијата на град Скопје вчера, во рамки на засилените сообраќајни контроли, се изречени вкупно 128 мерки, меѓу кои 52 санкции за возење повеќе од дозволената брзина.
Според МВР, од вкупно изречените мерки, 11 се за возење без возачка дозвола, осум за технички неисправни и нерегистрирани возила, три за минување на затворен семафор (црвено светло), три прекршоци што ги чинат пешаците, три за возење под дејство на алкохол и 32 за непрописно паркирање.
Засилените акциски сообраќајни контроли продолжуваат, најавија од МВР и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за поголема безбедност во сообраќајот и посигурни патишта.