Ана ГЛИГОРОВА
Следењето на настава во затворен простор, со протоколи, редари, параноја не носи социјализација, ниту пак концентрација кон материјалот кој треба да се научи. Таа атмосфера, дистописка носи само социјано дистанцирање, деконцентрација и тони страв, обвинување, потсмев и појава на разликите во сфаќање на опасноста од зараза која како став доаѓа од дома, од родителите. Децата се веќе поделени на ваксери и антиваксери, како и нивните родители, а такви ќе бидат и во училиштето. Не познавам човек (дете) кое во состојба на стрес, параноја, страв, мобинг може да се концентрира потполно на учењето. Наставата бара релаксираност, отвореност, дружење по салите за физичко, допирање, громогласна смеа, шепкање.
Уште ми се пред очи секојдневните некролози, простувања од најблските во изминатите месеци. Побогу, починаа од заразна болест, од чума 5 700 луѓе. Сега сме повторно соочени со илјадици позитивни, со стотици болни и десетина починати секој ден. Сметам дека само онлајн наставата, паралелно со вакцинацијата на населението (многу мал процент се вакцинирани со две дози), таква несовршена, преку нет, е решение и за детското здравје (и психичко и физичко) и за здрaвјето на најблиските на децата. Се друго е опасен егзибиционизам.