Во текот на следната недела повторно ќе се врши вакцинација во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ги разгледале барањата за прогласување карантин во Тетово и Гостивар каде што болниците се преоптоварени, но заклучиле дека тоа се големи рестрикции за кои сега нема потреба оти акцент ставаат на вакцинацијата.
– Во среда или најкасно четврток повторно ќе се отвори ’Борис Трајковски’. Дел од вработените кои беа на одмори ги прекинаа за да ја стават салата во функција. Вакцинацијата сега ќе биде во малата сала каде што има околу дваесетина места за вакцинација и ќе ги растерети здравствените домови во кои сега има голем метеж – рече министерот Филипче.
– Од денес почнува со работа болницата во Козле со 120 кревети снабдени со централен довод на кислород. По најава, пациентите од преполните болници во Тетово и Гостивар се праќаат тука. Доктори и сестри од клиниките веќе ги прекинаа одморите за во Козле да може да се организира сменско работење – рече министерот Филипче.Тој нагласи дека здравствените власти ставаат акцент на вакцинацијата како единствен начин да се постигне колективен имунитет и да се спречи ширењето на вирусот.