Американските провокации поврзани со настаните околу блогерот Алексеј Навални докажуваат дека Вашингтон не е подготвен да се соочи со реалноста, а одговорот на американските санкции против Русија ќе биде жесток и соодветен, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
-Уште еднаш, во тек е провокација од западните разузнавачки служби за наводното труење на Навални. Во тек се и закани за компаниите што работат на „Северен тек 2″, рече Захарова, пренесе Тасс.
За Захарова сето ова што се прави изгледа „патетично и осудено е на пропаст, со што се демонстрира неспособноста на Вашингтон да ја напушти ароганцијата, грубоста и неподготвеноста да ја прифати реалноста, знаејќи однапред дека нема смисла да се врши притисок врз Русија“.
-Нашиот одговор, како и секогаш, ќе биде силен и соодветен, додаде таа.
САД вчера се приклучија кон санкциите што завчера ги воведе Велика Британија против седум офицери на Руската федерална служба за безбедност (ФСБ), за кои се верува дека биле вмешани во инцидентот со блогерот Алексеј Навални.