Безбедносната ситуација во Црна Гора не е поволна, изјави министерот за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ, четири дена пред устоличувањето на митрополитот црногорско-приморски Јоаникије на Цетиње.

Тој истакна дека не може да им гарантира апсолутна безбедност на Цетиње ниту на новинарите, ниту на граѓаните, но ќе даде се од себе на 5 септември да помине се мирно, објави Ал Џезира Балканс.

Собирот е најавен за 3 септември, додека на 5-ти, на денот на устоличувањето, не е, но се очекува спонтано собирање.

Државниот секретар на МВР Зоран Миљаниќ истакна дека полицијата во Цетиње ќе биде гарант за безбедноста на сите граѓани, без разлика на која црква или партија припаѓаат, додавајќи дека сите политичари кои ќе дојдат непоканети, без разлика на кој собир ќе бидат, ќе сносат посебна одговорност.

Митрополитот Јоаникије порача дека правото на устоличување на Цетиње не му припаѓа само нему, туку на целиот народ на црногорско-приморската митрополија.