Вкупно 30 ученици и девет наставници се заболени од КОВИД во Куманово од почетокот на учебната година до денеска, информираа надлежните од секторот за образование од општината. Тие оценија дека сегашната состојба е стабилна, бидејќи има 21 основно и средно училиште. Вирусот не се шири по училиштата, туку учениците и професорите имале позитивни членови во семејствата. Заболени има во различни училишта и во основните и средните.

– По одлука на Центарот за јавно здравје Куманово во изолација се неколку паралелки, па овие ученици следат онлајн настава. Училиштата имаат постапено согласно протоколите и алгоритмите при инфициран наставник или кој било вработен во училиштата. Засега е постапено согласно протоколите. Немаме дополнителни проблеми-изјави раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ.

Според податоците, во Куманово има 14.807 ученици, а вкупно вработени се 1.720 лица.

– Сите заедно, учениците, родителите и вработените, да ги почитуваме здравствените протоколи и да се однесуваме одговорно, бидејќи едно мало невнимание може да одведе во изолација цела паралелка-апелира Јовановиќ.